Парите од набавката за која Обвинителството го гони поранешниот генерален секретар во Владата, Мухамед Зеќири, биле префрлени на сметките на фирмата во Хрватска, откри основната јавна обвинителка Вилма Русковска.

На поранешниот владин функционер му беше одреден притвор поради незаконски склучен договор за изработка на физибилити студија за трансформација на Пошта на Македонија. Зеќири заедно со двајца хрватски државјани се товари за проневера на 145.000 евра.

На прашањето дали е можно некој да му наложил на Зеќири да ја спроведе набавката без да распише тендер, Русковска одговори дека тој досега не кажал такво нешто. Дури и да каже, обвинителката вели дека треба да се обезбедат докази за евентуално да се гони тоа лице.

Според обвинителството, со спорната набавка е направена штета на буџетот од речиси милион евра. Генералниот секретар располага со целиот буџет на Владата, а оттаму донеле постапка за консултанска услуга, но во четири очи.

Русковска вели дека е чудно како Зеќири не се консултирал со никого, со оглед на тоа дека за секоја набавка од над 400.000 евра треба да има и меѓународен тендер, но во случајот не е побарана ниту согласност од Бирото за јавни набавки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.