Микробиологот професор д-р Никола Пановски, вели дека со предложените мерки од Комисијата за заразни болести сè е оставено на свеста на граѓаните и дека гледано од медицински аспект, потребни се поригорозни мерки во пресрет на новогодишните и божиќните празници.

Овие мерки немаат влијание, потребни беа поригорозни мерки. Од здравствен аспeкт сега сè е оставено на свеста на граѓаните и од самите нив ќе зависи што ќе се случува за еден месец. Со ваквите мерки, постои можност вирусот побрзо да се шири. Затоа и карантинските мерки сега имаат улога, односно пред да дојдат вакцините, да се спасат што повеќе луѓе. Карантините немаа улога во април, но може да имаат сега – вели Пановски за „Mакфакс“.

Комисијата денеска предложи од овој петок па до 21 јануари угостителските објекти да затвораат во 18 часот наместо во 21 часот, а хотелските ресторани до 21 часот. Од Комисијата апелираат да нема групирања по домовите, да нема прослави на работните места и да се забрани групирање на плоштадите за прослава на Новата година.

Во сила останува забраната за собири на јавни места. Реакциите за ваквите мерки се различни.

Владата на утрешната седница ќе ги разгледува предлог-мерките на Комисијата за заразни болести.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.