Заменик-помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, за „Гласот на Америка“ порача дека пристапниот процес за во ЕУ треба да се базира на принципи, а Македонија има направено доволно реформи да го оправда одржувањето на првата Меѓувладина конференција и затоа билатералниот спор со Бугарија треба да се решава надвор од пристапниот процес.

Палмер се надева дека ќе се постигне договор првата Меѓувладина конференција со Македонија да се одржи за време германското претседателство.

Македонија има направено доволно за да се квалификува за Меѓувладината конференција, и мислам дека мнозинството членки на ЕУ се јасни во тоа. Ќе продолжиме да работиме со нашите европски партнери да се исполни тоа. Ќе направиме се`што можеме да го подготвиме теренот, и ќе продолжиме јавно да ја демонстрираме нашата силна поддршка за придвижување на Македонија кон членството во ЕУ – изјави Палмер.

На прашањето дали барањата на Бугарија ги одразуваат европските вредности, како и дали САД го осудуваат таквото однесување, Палмер вели:

Разбираме дека има одредени важни прашања кои се однесуваат на историјата, идентитетот и јазикот, кои треба да бидат решени меѓу Бугарија и Македонија како соседи, сојузници и партнери. Во однос на процесот за пристапување во ЕУ, сакаме да видиме тој да продолжи напред, без да ги вклучува билатералните прашања. Би сакале да видиме билатералните прашања да се решаваат преку билатерални канали – изјави тој.

Како што вели Палмер, цената за влез во ЕУ е јасна и образложена на околу 80 илјади страници со правила и регулативи.

Тоа е процес базиран на стандарди. Сакаме да видиме Македонија да продолжи со реформите кои отворија врата кон Европа. Како што реков, има билатерални проблеми, кои можат и треба да се решат преку билатерален пат. Пристапниот процес кон ЕУ треба да зависи од адресирање на неопходните реформи, кои ќе осигураат Македонија да биде членка на ЕУ – вели Палмер прашан дали цената за влез во ЕУ треба да биде  бришење на историјата.

Според него, за да може да се одржи европската кредибилност во државата ЕУ треба да покаже оти прогресот во реформите ќе се отслика со отворање на пристапниот процес.

Во овој момент, следен чекор за Македонија е одржување на Меѓувладината конференција, и тоа е нешто што Македонија јасно го заслужила преку реформи – вели Палмер.

Тој не сака да прогнозира каков ќе биде резултатот од состанокот следната недела, но, нагласи дека САД ќе останат партнери низ целиот тој процес со Македонија и Албанија.

Останете посветени на реформите, демонстрирајте сериозност и цел и продолжете да се движите напред – порача Палмер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.