Во основното, средното и во високото образование од година на година се намалува бројот на влезната генерација како и на вкупниот број ученици односно студенти. Најголем пад од 23.6 проценти во период од десет години е забележан кај бројот на запишани средношколци.

Во публикацијата „С. Македонија во бројки, 2020“ која неодамна ја објави Државниот завод за статистика, во податоците за образованието во земјава (стр. 21) е наведено дека во учебната 2008/2009 година имало 94 387 средношколци, по пет години (2013/2014) бројот паднал на 86 936, а по следните пет години продолжило намалувањето, така што во 2018/2019 година биле запишани 72 123 средношколци.

Во истиот период, пак, има зголемување на бројот на наставници и на средни училишта. Пред 11 години имало 6720 наставници во средното образование, а 7597 во 2018/2019 година. Средни училишта во 2008/2009 се евидентирани 114, 119 – пет години подоцна и 138 во 2018/2019 година.

Опаѓање на бројот на запишани ученици има и во основното образование, за 13.1 проценти во учебната 2018/2019 година во споредба со 2008/2009 година.

Во 2008/2009 година бројот на основци бил 217 685, пет години подоцна (2013/2014) бројот паднал на 192 152, а во 2018/2019 продолжил негативниот тренд и настава во основното образование следеле 189 236 ученици. Намален е и бројот на основни училишта – пред 11 години ги имало 1052, во 2013/2014 нивниот број е намален за десет (1042) колку што ги имало и во 2018/2019.

Наспроти помалиот број на ученици и школи, има зголемување на бројот на наставници во основното образование – во 2008/2009 биле 16 249, пораст имало во 2013/2014 (17 549), како и во учебната 2018/2019 во која предавале 18 580 наставници.

За 15.4 отсто е намален и бројот на запишани студенти. Во 2008/2009 година биле 63 437, во 2013/2014 – 57 746, а во 2018/2019 бројот паднал на 53 677 студенти. И во високото образование низ годините се бележи зголемување на бројот на наставници. Во академската 2008/2009 година ги имало 2182, во 2013/2014 – 2301 и 3101 во студиската 2018/2019. Овој податок на ДЗС се однесува само на наставниците, не и на соработниците во наставата

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.