Битолчанката Виолета Толевска, за „Слободен печат“ тврди дека откако имала операција во битолската болница за цистит, отстранет и бил јајникот, а во абдоменот и била оставена газа, поради што повеќе од 2,5 години живее во агонија.

Јас сум во агонија, никој не сака да прифати одговорност. Никој не направи ревизија кога не беше доцна, па сега сум со страшни болки и инфекции. Веќе дојдов во состојба да ми посинуваат рацете, со распандата газа или можеби повеќе парчиња и јас сум цело време со бактериски сепси и ги губам крвните садови, висам на конец. Одговор на моите маки во болниците е тоа што ме оставаат да умрам бидејќи се веќе се распадна во мене, бидејќи лекарската фела во државните клиники под разни изговори негира дека се работи за страно тело – вели Толевска.

Во моментот кога од „Слободен печат“ ја контактирале Толевска, таа била упатена кон болница да направи нови испитувања, затоа што рацете и посинувале. Таа тврди дека сите здравствени проблеми се последица на тоа што газата која била заборавена во телото се распаднала, а за тоа има и докази.

Дури и кога била да се консултира со професор во Скопје за тоа зошто доживува тешки компликации по операцијата која била за цистит, тој и кажал дека навистина имало заборавено газа во нејзиното тело. Таа уште чека да биде оперирана повторно и моли некој да ја оперира, за да може да се спаси од маките.

Директорката на битолската болница, доктор Гагачовска пак, тврди дека сите инспекциски контроли за случајот се направени и не е констатиран пропуст, а прегледи се правени за случајот и во секоја можна клиника во Скопје од специјалност каква што е потребна за случајот.

Пациентката само во 2020 година ја прегледавме 97 пати. Сите служби во државава се известени за случајот, од Министерство до инспекција. Се е преземено и поплаките се одговорени. Но таа упорно тврди дека и била заборавена газа. Не сум хирург да кажам што би се случило ако некому со години му е оставена газа, меѓутоа, сигурно немаше да стои на нозе – вели д-р Гагачовска за „Слободен печат“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.