Пациент што пристигнал од Дубаи, со симптоми на коронавирус се наоѓа на Инфективното одделение на Клиничкиот центар во Скопје. Резултатите од испитувањето на неговата здравствена состојба ќе се знаат за околу два часа, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Патникот допатувал пред неколку дена во земјава по шестдневен престој во Дубаи и имал симптоми слични на грип.

Тој апелираше до граѓаните кои допатувале од странство и чувствуваат симптоми на грип да се јават на телефоните во центрите за јавно здравје.

Важно е да не се шетаат по болниците, туку да се јават на телефон по што медицински екипи ќе отидат да ги прегледаат во нивните домови, потенцираше министерот.

Тој нагласи дека обезбедени се заштитни маски, скафандери со кислород и 120 болнички кревети за пациенти кај кои ќе се појават симптоми на вирусот.

Синоќа уште еден пациент беше тестиран на Инфективната клиника во Скопје, но резултатите беа негативни, информира Министерството за здравство.

Будно ја следиме состојбата и во континуитет постапуваме по препораките на Светската здравствена организација, а од денеска Министерството за здравство го подигна степенот на подготвеност на највисоко ниво. Се формира Кризен штаб во рамките на Министерството, а на сила стапија и нови зајакнати мерки за превенција од и справување со евентуални заболени од корона вирус се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Владата денеска на седница ќе дискутира дали ќе се одложат сите посети во овој регион организирани од државни институции.

Министерството за здравство формираше Кризен штаб по последните податоци за ширење на коронавирусот во северна Италија, каде се затворени 11 градови.

На светско ниво, заразени се 79 илјади лица, од кои во Кина се 77.150 лица. Бројката на смртни случаи e над 2.600 на глобално ниво. Смртноста е и понатаму 2,3 отсто. Станува збор за општа стапка на смртност, која е поголема кај мажите отколку кај жените. Најголема е кај постарите од 80 години, кај кои смртноста е 8 отсто. За помладите од 39 години, смртноста е 0,2 отсто. Само 3 отсто од заболените се помлади од 15 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.