Законот за јазиците е една од алките што нè спојува во државата и така ќе продолжиме во иднина, градејќи заеднички ставови за сите препораки од Венецијанската комисија да имаат соодветна примена, изјави вечерва премиерот во заминување Зоран Заев.

Прашан дали има поделби во Владата или едногласен став за препораките што Венецијанската комисија ги упати до Владата за Законот за јазици, тој најави дека до крајот на неделата ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да можат да усогласат заедничко решение.

Последните сугестии кон Венецијанската комисија ги дадовме заедно, претставници од мојот Кабинет, Министерството за правда, европски прашања и Министерството за надворешни работи и така ќе продолжиме. Овој закон е една од алките што нè спојува во државата и така ќе продолжиме во иднина градејќи заеднички ставови и сите препораки кои ги кажува Венецијанската комисија да дојдат до светлото на денот, односно да имаат своја соодветна примена. Веќе до крајот на неделата кај мене ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да можеме да го усогласиме ваквото решение за навистина препораките од Венецијанската комисија да го добијат она за кое што со причина укажуваат, а тоа е растење на капацитетите на самите институции заради примената. Верувам дека токму тоа ќе биде во заеднички дух, онака како што имаме намера заеднички да го прифатиме, изјави премиерот во заминување.

Премиерот Заев рече дека не е запознаен со амандманите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но истакна дека секојпат е добредојдена која било дебата што може да унапреди што било во државата.

Опозицијата е значаен коректив, ако сето тоа е во прилог да може да биде унапредено Едно општество за сите, овозможени правата што уставно беа дадени, а со законите не беа овозможени. Овој Закон тоа го овозможи, верувам дека секогаш можеме да дебатираме, да прифаќаме, да одбиваме она што значи подобрување на системот, рече премиерот во заминување Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.