Претседателот на Владата Зоран Заев на денешната прва, конститутивна седница, им го честиташе изборот на членовите на Владата и им посака успех во реализацијата на Програмата за работа на Владата во периодот од 2020 до 2024 година, се вели во владиното соопштение.

На конститутивната седница за заменици на претседателот на Владата беа определени Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците, кој ќе биде и прв заменик претседател на Владата, Љупчо Николовски заменик претседател за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Фатмир Битиќи за заменик претседател на Владата за економски прашања и за координација со економските ресори и Никола Димитров за заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања.

Именувани се и претседателите и членови на основните комисии на Владата.

Од владината прес-служба информираа дека за претседател на Комисијата за економски систем и тековна економска политика е именуван заменик претседателот на Владата за економски прашања и за координација со економските ресори Фатмир Битиќи, а со комисијата ќе копретседава и министерот за финансии Фатмир Бесими.

За претседател на Комисијата за политички систем е именуван министерот за политички систем и односи меѓу заедниците и прв вицепремиер на Владата, Артан Груби, а за претседател на Комисијата за човечки ресурси е именуван Љупчо Николовски, заменик претседател за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.