Со традиционалното сечење на најголемата штипска пастрмајлија, по две години пауза, вечерва во Штип започна четиринаесеттата Штипска пастрмајлијада. Настанот ќе трае два дена, а цената што ја договорија угоститлите и општина Штип е 190 денари за една пастрмајлија.

Гостин на отворањето беше евроамбасадорот Дејвид Гир кој во изјава за медиумите рече дека многу му се допаднал настанот и особено штипската пастрмајлија.

-Чувствувам големо задоволство што сум тука денес во Штип за Пастрмајлијадата, рече Гир на македонски јазик.

-Ова е прекрасна македонска традиција и мислам дека ние во ЕУ ќе научиме нешто од ова и можеби и ние ќе имаме „Пастрмајлијада“ во Европската Унија, рече амбасадарот Гир.

Ѕвезди на манифестацијата се Тони Цетински и Јелена Розга.

Најголемата штипска пастрмајлија што вечерва беше пресечена е долга 2 метра на еден метар и 10 сантиметри и е печена како едно парче во најголемата штипска фурна, откри главниот готвач кој ја приготвил пастрмајлијата и додаде, како одговор на новинарско прашање, дека тајната за една пастрмајлија да биде штипска е да биде приготвена во Штип.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.