Министерката Мила Царовска, МОН и родителите, наставниците и учениците цел ден се обраснуваат за дигиталните учебници за учениците од четврто одделение.

Министерката Царовска на својот профил на Фејсбук наведувајќи дека одговара на најчесто поставуваните прашања се обиде да одговори на нападите на најавената реформа.

Доколу од било кои причини некој ученик не е во можност да ги користи електронските учебници, училиштата имаат должност да ги испечатат и во хартиена форма да им ги доделат книгите, што значи материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик. Понатаму, секое училиште ќе има обврска да обезбеди потребната количина ИТ уреди. Тие ќе се даваат на користење на учениците кои не поседуваат електронски уред за употреба на дигиталните учебници. Ова значи дека државата ќе биде одговорна секое дете да има пристап до уред. Согласно податоците со кои располага МОН добиени од училиштата, над 90% од учениците во моментов се вклучени во онлајн настава, односно имаат соодветна ИТ опрема. Недостигот на електронски уред е предизвик за околу 4.000 ученици од сите одделенија и оваа бројка ќе ја сведеме на нула за многу кратко време, вели Царовска.

Според неа, парите што ќе се заштедат со непечатење учебници, ќе се дадат на општините за набавка на електронски уреди за учениците од социјално загрозени семејства. Но, знае ли Царовска дека децата на училиште користат тоалетна хартија и хартија за фотокопирање која самите ја купуваат?

Царовска вели дека реформата предвидува повеќе време поминато на училиште. Но, во овој момент никој не може да одговори каква ќе биде ситуацијата со пандемијата од ковид-19 во земјава и дали воопшто од следната учебна година, за кога е најавен стартот на овие реформи, учениците од четврто одделение па нагоре ќе се вратат во училишните клупи.

Министерката наведува дека македонските ученици минуваат 900 часови помалку на училиште отколку учениците од развиените земји.

Идејата е децата да ја совладуваат наставната материја во училница, преку интеракција со наставниците, а помалку да работат дома со родителите или на компјутер. Учебниците треба да им послужат само за потсетување на веќе поминатата материја. Новите материјали за учење ќе наметнат учење со разбирање наместо фактографско учење. Тоа значи дека содржината се намалува, а се посветува внимание на квалитетот на податоци и факти кои се лесни за помнење и применливи во секојдневието. Учениците полесно ќе учат а со тоа и помалку време ќе треба да поминуваат во учење, наведува Царовска.

Но, таа не објаснува како некое дете што ќе отсуствува од настава две недели поради болест или поради некоја друга причина, што често се случува особено во сезона на грип, на пример, ќе се потсети на веќе поминатата материја, кога не било на настава да ја совлада материјата во училница?

Царовска нагласува дека не постои ограничување за печатење на учебниците, дека кој сака може да има испечатен учебник и тоа да го направи самостојно или тоа да го направи училиштето.

По најавата за воведување на дигитални учебници многу родители имаа прашања и дилеми. Во овој пост би сакала да…

Posted by Мила Царовска on Sunday, 18 April 2021

Ова, пак, отвора две прашања – дали воопшто училиштата ќе смеат да го размножуваат материјалот кој подлежи на авторски права и, второ – колку пари државата предвидела да им даде на општините а тие на училиштата за фотокопирање на дигиталните учебници?

Зашто, може да се случи буквално сите ученици од четврто одделение па нагоре да си ги побараат учебниците во печатена форма од училиштето, бидејќи нели, имаат право на тоа. Или и за ова ќе треба ученикот да однесе топ хартија, а училиштата ќе станат фотокопирници и расадници на учебници, наместо на знаење?!, ги постаувува дилемите Плусинфо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.