Како резултат на македонскиот културен и духовен континуитет и како резултат на потребата за институционална втемеленост на науката и уметноста, на денешен ден – 23 февруари 1967 година, Собранието на СР Македонија го донесе Законот за Македонската академија на науките и уметностите како акт за основање на оваа највисока институција од науката и уметноста, објави премиерот Зоран Заев на својот ФБ профил.

– Во Матична комисија, со задача да изврши подготовки за отпочнување на работата на Македонската академија на науките и уметностите тогаш беа вклучени проф. Блаже Конески и д-р Ксенте Богоев, како ректор на Универзитетот во Скопје, кои оваа своја обврска ја остварија со сесрдна поддршка на претставниците на академиите од Белград, Загреб, Сараево и Љубљана. Изборот на првите 14 редовни членови на МАНУ е извршен на 18 август 1967 година во просториите на Народниот музеј во Охрид, а изборот на претседател, потпретседател и секретар на МАНУ е извршен на Првото собрание на Академијата, одржано на 9 октомври 1967 година во Скопје, кога овие функции ги презедоа акад. Блаже Конески, како претседател, акад. Харалмпие Поленаковиќ, како потпретседател и акад. Ѓорѓи Филиповски, како секретар, пишува Заев.

Свеченото отворање на Македонската академија на науките и уметностите, потсетува премиерот, е извршено на 10 октомври 1967 година во големата сала на Собранието.

– Оттогаш наваму академијата го дава својот значаен придонес во вклучувањето на македонската наука и уметност во модерните европски и светски научни текови, преку поттикнување на научно-истражувачката работа и постојаната грижа за зачувување и афирмација на македонското уметничко и културно богатство и наследство, важни за вкупниот развој на Република Македонија, напиша премиерот Заев на неговиот ФБ профил.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.