Основното јавно обвинителство Тетово ја отфрли кривичната пријава поднесена од политичката партија ВМРО ДПМНЕ за сторени изборни нерегуларности на референдумот во 2018 година.

Кривичната пријава беше против заменици претседатели и членови на Избирачките одбори во општините Желино и Боговиње, против непознати лица кои, според Обвинителството, помагале со поттикнување, помагање и соизвршителство, како и против полициски службеници кои ја вршеле својата службена должност на обезбедување на избирачките места за време на гласачкиот процес за референдумот на 30.09.2018 година.

Според наводите од пријавата, пријавените се товареле дека ги сториле кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“ , „злоупотреба на избирачко право“, „изборна измама“, „фалсификување или уништување деловни книги“ и „повреда на тајноста на гласањето“.

Јавниот обвинител кој постапуваше во предметот презеде дејствија за проверка на наводите во пријавата, при што ги сослуша пријавените лица и ја прибави целокупната документација од надлежните органи, меѓу кои Министерството за внатрешни работи и Државната изборна комисија. По преземање на дејствија за прибирање на материјални и вербални докази во предметот, надлежен јавен обвинител утврди дека записниците на избирачките одбори од спроведеното гласање на државниот референдум се уредно пополнети и потпишани од претседателите и членовите на одборите без притоа да биде наведено дека имало какви било нерегуларности и неправилности во гласањето. Наведеното во записниците е потврдено со изјави дадени од сите осомничени. Нерегуларности не биле констатирани ниту од други лица кои биле ангажирани за следење на изборите, како што се набљудувачите од МОСТ. Во дадените изјави, полициските службеници кои на изборниот ден ги обезбедувале избирачките места истакнале дека на денот на изборите немало ситуација од која би произлегла потреба да реагираат во поглед на преземање на службени дејствија за пријавување и отстранување неправилности, информира Обвинителството.

По анализа во предметот, надлежниот јавен обвинител утврдил дека нема каков било материјален или вербален доказ за потврда на наводите од поднесената пријава, по што одлучи истата да ја отфрли од причини што во дејствијата на пријавените лица не се содржани елементите на кривичните дела кои им се ставаат на товар ниту пак во нивните дејствија се содржани елементите на некое друго кривично дело за кое се гони по службена должност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.