Откако Венецијанската комисија се изјасни негативно за Законот за јазици, како да почна да се буди и Уставниот суд. Судот завчера ја прифати иницијативата на партијата Левица за оценување на уставноста на овој закон, кој деновиве е предмет за меѓупартски препукувања.

Уставниот суд со соопштение ја информираше Левица дека за овој случај е образуван предмет и оти постапката е во завршна фаза. Но, нема точен датум кога ќе биде ставен на разгледување од страна на уставните судии. Иницијативата на Левица е поднесена уште во февруари, па дури откако од партијата реагирале, таа е ставена на разгледување.

Во образложението до судот, Левица како подносител наведува дека Законот за јазици е донесен со грубо кршење на сите деловнички процедури во Собранието  и е објавен без потпис од претседателот на државата. Според Левица со овој закон, европското знаменце е искористено и злоупотребено за да нема широка дебата.

Левица истакнува дека идејата за двојазичност ја подрива унитарноста на државата, системски го сегрегира народот, а згора на тоа имплементирањето на овој закон ќе предизвика големи финансиски импликации и ќе биде сериозен товар за институциите.

Покрај иницијативата од Левица, за Законот за јазици во Уставниот суд чекаат уште осум поднесоци. Најголем дел од нив се од адвокати, но има и од ВМРО-ДПМНЕ, Солза Грчева, Јове Кекеновски и Светскиот македонски конгрес. За сите нив Уставниот суд се уште се нема произнесено дали ќе ги стави на дневен ред.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.