Изразуваме длабока загриженост во врска со видеото на европратеникот, во кое се изразуваат територијални претензии кон Македонија од страна на партија во бугарската Влада и со кое се покажува отворено непочитување кон европските вредности, единствено поради некаков бенефит во политичка кампања. Тоа се коси со основните начела врз кои е создадена Европската Унија, како и со Договорот за добрососедство помеѓу двете држави, нагласува Канцеларијата на делегацијата на Европскиот Парламент во Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – ЕУ во врска со видеото на европратеникот Ангел Џамбаски.

Во соопштението, што е испратено од страна на претседавачот на Комитетот, Андреас Шидер и замениците-претседавачи Ирена Јовева и Марион Валсман се осудува потпалувачката политичка кампања. Тие изразуваат длабоко жалење поради тоа што со видеото на Џамбаски отворено се искажува непочитување кон прогресот и напорите кои ги направи Македонија на својот европски пат, кои се признаени од ЕП, европските институции и нејзините земји-членки.

ЕУ цели кон промоција на мир, демократски вредности и благосостојба на граѓаните, надминување на историските разлики и работење заедно кон заедничка иднина. Ние инститираме Бугарија и Македонија да ги продолжат своите напори кон добрососедски односи и каква било акција, со која се нарушува добрососедски дух треба да биде избегнувана и ќе наиде на осуда како неприфатлива.  Затоа ја повикуваме бугарската Влада, вклучувајќи го и премиерот, да го осудат ова видео, објавено од нивниот владин партнер и јасно да се дистанцираат од каква било потпалувачка реторика за добивање на политички поени и промовирање на националистички идеологии, се нагласува во соопштението.

Од Канцеларијата потсетуваат дека политиката за проширување мора да биде водена од објективни критериуми и не смее да биде попречена од унилатерални интереси.

Ја потврдуваме поддршката на Европскиот Парламент за стратешкиот избор на земјата, за нејзината интеграција и крајна цел членство во ЕУ, засновани на владеењето на правото, отворен демократски дијалог, мултиетничка хармонија и добрососедски односи. Повикуваме на брзо прифаќање на преговарачката рамки, со цел да се одбегнат натамошни одложувања и одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за време на португалското претседавање со Советот, како знак дека се препознаваат напорите на земјава во процесот за пристапување кон ЕУ, потенцираа од Канцеларијата на делегацијата на ЕП во Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – ЕУ.

Заменик-претседателот на бугарската ВМРО-БНД Џамбаски во објава и видео-спот на Фејсбук со кадри од Скопје, Охрид  и други локации од државава наведе дека „Македонија е бугарска, а Бугарија е над се“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.