Некогашното раководство на СДСМ повикува на здрав разум и свест, оставка и одговорност по објавувувањето на скандалозното интервју на актуелниот претседател на СДСМ и премиер Зоран Заев. Актуелното раководство, пак, преку соопштение застана зад него.

Основачот на СДСМ Бранко Црвенковски, поранешната потпретседателка Ана Данева, некогашната претседателка на скопската организација Софија Куновска, секретарот на партијата од 2003 до 2005 Андреј Петров, Наташа Савова, поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева се ограија од ставовите на Зоран Заев и побараа итно свикување на партиските тела.

Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата.

Затоа, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ, пишува во обраќањето Бранко Црквенковски.

Ставовите на Заев се завршниот удар што тој ѝ го задава на Македонија. Почна од Преспа и промената на името на нашата држава, а сега посегна по идентитетот, јазикот и историјата – по ноторни историски факти, фашистичката окупација на Македонија. Капитулираше пред најголемиот напад со кој се соочила Македонија од почетокот на нејзиното постоење: уцени, притисоци и барања што задираат во темелите на македонската нација, вели професорката Илинка Митрева, поранешен висок функционер на СДСМ и министерка за надворешни работи, како реакција на интервјуто на премиерот Зоран Заев за агенцијата БГНЕС.

Евроинтеграциите биле и ќе бидат наша трајна државна заложба, но не по цената што е спремен да ја плати премиерот. Време е Заев да се соочи со судот на јавноста. Нема простор за политички манипулации и дообјаснувања во СДСМ, нема простор за амнестија. Но, има простор за вонреден конгрес, вели Митрева.

Зоран Заев, заедно со своите најблиски соработници, треба да замине веднаш од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и од фунцијата премиер, вели поранешната функционерка на СДСМ Софија Куновска.

Оваа карикатура од премиер е најсрамотната презентација на нашата држава, на меѓународна сцена, за која паметиме, вели Куновска.

Прашајте се „Во што се претворив“, порачува Ана Данева.

Кога премиерот јавно извршува скрнавење на гробовите на нашите предци, често е за сите нас кои сме членови на СДСМ да ни кажат дали позади овие негови ставови стои Извршниот и Централниот одобро на партијата, пишува на фејсбук Наташа Савова.

Вили Брант клекна пред жртвите на варшавското гето и побара прошка од Полска, а не да ја смени историјата, потсетува некогашниот партиски секретар Андреј Петров.

СДСМ единствено одговори на повикот на Црвенковски. Му порачаа дека Заев е иднината, а тој е историја.

Искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, се ставови на СДСМ. Овие ставови се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори“, СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја. 

Радмила Шекеринска, Венко Филипче, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски, Коста Костадинов… – покажаа дека во СДСМ нема демократија, туку владее човек-партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.