Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во интервју за „360 степени“, вели дека барањето на Бугарија да се прифати дека македонската етногенеза е бугарска, а македонскиот јазик е кодифициран врз основа на западно-бугарски дијалекти е рефлексија на создадената недоверба кон Договорот за добрососедство.

„Реално, таа формулација е официјално предложена од Бугарија како решение на еден од КОРЕПЕР-ите (состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ) пред одржување на Советот за општи работи на ЕУ – дека доколку ние ја прифатиме историската реалност, Бугарија ќе ја прифати сегашната реалност. Меѓутоа, мислам дека тој став во моментот е рефлексија на недовербата создадена од Договорот и од процесот кој сме го создале. Бидејќи во право се тие што велат дека Договорот не ја предвидува оваа тема за разговори. Договорот предвидува дека историските комисии ќе ги разгледаат историските аргументи како основа за заедничко одбележување и градење на доверба“, вели Османи.

Тој смета дека не постои друго решение освен спроведување на Договорот за добрососедство.

„Не постои простор дека може да има договор за таква формулација. Но, во сржта на проблемот е недовербата. Недоверба која постои меѓу општествата подолг период и меѓу интелектуалци, научници, историчари, политичари. Меѓутоа, недовербата се пренесе и на Договорот чијашто улога беше да ја врати довербата. Тоа потоа еволуираше во една ваква форма на резолуција, декларација донесена на Собрание со вакви верзии на дефинирање што било“, вели Османи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.