Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска беше домаќин на нашите граѓани кои живеат во странство, а кои деновиве летните одмори ги поминуваат во земјава.

Како што соопшти МНР, на приемот министерот упати благодарност до дијаспората за нивниот придонес во пренесување на позитивната порака и слика за нашата држава, како и придонесот за целокупниот економски и општествен развој на Македонија.

Се работи за огромен потенцијал на млади и образовани кадри, кои се најдобри во своите професии и за чие знаење и вештини има потреба средината од каде потекнуваат и на која редовно се враќаат, нагласи Османи.

На приемот, министерот ги запозна гостите со многубројните проекти на Министерството за надворешни работи, каде се префрлени целокупните надлежности поврзани со дијаспората како што се фиксните базни станици за издавање на патни исправи, со што значително ќе се скрати постапката, проектот на дигитализација на голем дел од конзуларните услуги, тн. Е-конзулат, реактивирање на финансиската поддршка за проекти од дијаспората, кое беше прекинато поради пандемијата, формирање на парламентарна група за соработка со дијаспората, анализа за потребата за донесување на закон за дијаспора и други.

Во соопштението се дополнува дека до одлуката за донесување на закон, во меѓувреме ќе се издаде Бела книга, каде детално би се наброиле погодностите кои се нудат на дијаспората, а кои не се систематски обработени во еден документ.

Министерот Османи порача дека својот мандат ќе го посвети на создавање услови за секој кој има желба да може да се врати во државата, посочувајќи меѓу другото и на проектот МКарта, како признание и потврда за истакнати личности и поединци кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажуваат истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Македонија во странство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.