Наша задача е да бидеме оптимисти и да работиме за подобра иднина, а напорите што ги правиме како Влада ги темелиме на плебисцитарната желба на граѓаните и се додека постои таква консензуална желба на граѓаните за европска унија, нема преча која што може да не застане на тој пат, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со актуелниот политички момент и амбиент околу евроинтеграциите на Република Македонија.

За време на денешниот престој во Битола, министерот Османи најави подготвеност за претстојниот тежок процес на преговори.

-Треба да бидеме подготвени дека влегуваме во тежок процес на преговори, а преговорите секогаш имаат пречки на патот. Ние минатата година имавме пречка во октомври кога Франција но и други држави имаа дилеми во однос на поддржувањето и замислете тогаш да се откажевме затоа што се појави пречка!? Не, ние продолживме, и во месец март годинава ја добивме поддршката од Франција. Денес имаме пречка од Бугарија, утре ќе имаме пречка од некоја друга држава членка на ЕУ, но овој процес бара консензус, бара напорна работа, бара умешност, стратегија, дипломатија и трпение во одредени моменти затоа што е заснован на консензуалната определба на граѓаните. Нема алтернатива од членството во ЕУ, нема алтернатива од добрите односи со Република Бугарија и со соседите, и тука го базираме оптимизмот, порача Османи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.