Шефот на дипломатијата Бујар Османи утре ќе ги посети претставниците на македонската заедница во Албанија за да разговара со нив по последните притисоци од Бугарија пред претстојниот попис и тврдењата дека во Албанија живее бугарско малцинство алудирајќи на населението во Пустец, Голо Брдо и Гора.

„Ние работиме со македонското малцинство во Албанија подолго време во различни форми и преку комуникација и преку асистенција“, вели министерот Бујар Османи по информациите од македонските здруженија кои алармираа дека Бугарија се обидува на сите можни начини да изврши тивка асимилација, а Македонците се уценети да се попишат како Бугари на претстојниот попис.

„Утре ќе ги посетам и Пустец и новиот граничен премин Џепиште-Требиште, каде исто така живее македонско национално малцинство во Албанија. Во договор со нашите таму ќе ги посетам општините и училиштето и ќе се сретнам со граѓаните и нивните здруженија во текот на целиот ден за да ги слушнам нивните забелешки и да видиме што ние можеме да помогнеме во комуникација со Република Албанија“, изјави тој денеска.

Шефот на дипломатијата денеска го презентираше сработеното во изминатите две години откако тој е на чело на министерството за надворешни работи. Најголем предизвик во работењето биле односите со Бугарија а клучни постигнувања се усвојувањето на преговарачката рамка, безусловната прва меѓувладина конференција за почеток на преговорите со Европската унија и историските прашања кои не влегоа во преговарачката рамка како и напуштањето на како што кажа озогласената рамковна позиција на Република Бугарија и Декларацијата на бугарското собрание кое резултираше со вето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.