Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи во изјава за ТВ 21 ги демантира објавените информации на дел од албанските и македонски медиуми дека паднал договор за формирање на влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и неговата партија.

Нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, но нема никаков договор и со СДСМ, изјави Османи за ТВ21.

Во однос на тоа кој ги пласира гласините, Османи негира дека ДУИ е изворот на ваквите информации.

Претходно вечерва повеќе македонски медиуми на албански јазик објавија дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги финализирале преговорите за формирање влада, повикувајќи се на неименувани извори од партијата. Според пишувањата, лидерите на партиите наводно се согласиле за премиер да биде поставен поранешниот министер и амбасадор, Лазар Еленовски, кој ќе се декларирал и за Албанец и за Македонец.

„Република“ побара став од ВМРО-ДПМНЕ во однос на ваквите информации. Оттаму ни изјавија дека нема да коментираат непроверени информации.

ВМРО-ДПМНЕ работи на формирање на парламентарно мнозинство. Информации од непотврдени и непроверени извори нема да потврдуваме, ниту демантираме, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ за „Република“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.