Законот за јазиците ги венча СДСМ и ДУИ, тој и ќе ги разведе. Свесен дека колку и да се труди нема да може да ги извртува и „автентично да ги толкува“ правните експерти на Советот на Европа, кои концизно предупредија на сите пречки, правни и технички, кои со себе ги носи насила донесениот Закон за јазици, премиерот во заминување се согласи Владата да ги испочитува забелешките на Венецијанската комисија и да ги имплментира. Но неговиот вицепремиер за двоојазични табли Бујар Османи не мисли така.

По враќањето до Венеција, утрово, на прес-конференција Османи отворено застана контра премиерот во заминување Зоран Заев. Османи вели дека Законот за јазици не смее да се чепка. Дали ова е уште една брачна криза или разнишување на владинита коалиција, останува да се види, но повеќе од очигледно е дека овој закон е една од причините за турбулентниот брак на СДСМ и ДУИ.

Законот за јазици ќе се даде на конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите кои работат, на прецизен начин како што тоа Венецијанската комисија го укажува и потоа ќе се прати во Парламентот за негово донесување – соопшти вчера премиерот во заминување Заев во Прилеп.

Тој посочи дека намерата е да се испочитуваа Венецијанската комисија која, како што рече, е добар репер укажувајќи ни на сите законски решенија, пред се од областа на правото, но и во ова законско решение каде тоа може да се нарушат одредени други права и вредности и е многу прецизна во делот на правосудството.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи нема исто мислење како премиерот во заминување.

Секое поместување еднонасочно на балансот во македонско – албанските односи кои се постигнати со многу труд ќе отвори магичен круг и спирала која ќе не помести од патот кој што сме тргнале. Што тоа значи еднонасочно поместување, кој било обид, на пример дали македонските уставни судии ќе ги надгласаат албанските уставни судии, дали Министерството за правда без согласност од целата Влада, дали собранието без согласност од претставниците на етничките заедници се обиде на сензитивното прашање се обиде да пристапи еднонасочно тогаш буквално ја руши оската на која се држи балансот на македонско- албанските односи.

Оваа порака утрово ја испрати Османи по објавувањето на забелешките на Венецијанската комисија за Законот за јазиците.

Тој со ова се спротивстави на вчерашната изјава на премиерот во заминување Зоран Заев, кој изјави дека законот ќе се ревидира и дека за тоа на состанок веќе имало согласност од коалиција, односно од вицепремиерот Османи.

Венецијанската комисија нема предрасуди по тоа дали има или нема капацитетит затоа што некои чинители така и претставиле. Но Венецијанската комисија не е супер маркет каде што може да бирате дали овој продукт ќе го земете, а другиот ќе го оставите. Венецијанската комисија вели, да, да има потешкотии во судството затоа што нема капацитети, но вели да, можете да употребите двојазчинот во банкнотите. И не може вие да отворите дебата за судството а да не отворите за двојазичноста за банкнотите – изјави Османи.

Според Османи законот е добар и не треба многу да се менува освен во делот од членот 8 што се однесува на двојазичност на пари и војнички униформи за кој вели дека Венецијанската комисија позитивно се изјаснила.

Клучното прашање за одребите од членот 8 по кои Венецијанската комисија се изјасни позитивно со што сега се отвора дебата што понатаму дали ќе ги вметнеме овие две одредби кои тогаш ги тргнавме. Третото прашање е за употребата на двојазочноста во судството и впечатокот што известувачите можеби го добиле од некои соговорници од судството е дека можеби нема услови во судството за спроведување на законот, односно дека можно е во второстепениот суд може цел предмет да падне поради непочитување на законот за јазици. Дебатата во Комисијата беше дали додека да се создадат капацитети жртва ќе бидат предметите. И тука сметам дека е извршен непринципиелен притисок врз Комисијата дека во земјава нема капацитети за тоа – вели Османи.

Според вицепремиерот секое отворање на Законот за јазици со кој се затвориле прашањата од Рамковниот договор ќе не врати пред 2001 година.

Венецијанската комисија во мислење усвоено пред неколку дена ги повикува властите на Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Според соопштението, издадено по состанокот во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венецијанската комисија ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците. Оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележува дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.