Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи му одговори на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски за наводниот „договор“ со поранешниот минсистер за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати, иако во одговорот не прецизира дали навистина постои таков договор или не.

Николовски претходно објави дека Османи и Бушати со планот 3-6-9 се договориле да се кочат реформите во Македонија и на тој начин да се прикријат неуспесите на Албанија на ова поле како две земји кои во заеднички пакет претендираат да добијат датум за преговори годинава од ЕУ.

Почитуван г. Николовски. Веќе подолго време ваквите ставови создаваат раздор не само во нашето внатрешно ткиво – успешните мултиетнички односи, туку и во нашиот најсилен надворешен адут – успешните односи со соседите.

Албанија е наш пријател, земја која несебично лобираше од внатре за нашата интеграција во НАТО, и земја која, исто како и ние, се надева на успех во европските интеграции. Не постои стабилен Балкан освен оној кој е целосно интегриран во Европската унија и НАТО, но уште помалку, не постои стабилна земја каде било во светот, која не си ги почитува и не ги негува односите со своите соседи.

Да ти одговарам на твоите дилеми: ниту ние можеме да влијаеме на процесот на европски интеграции на Албанија, ниту тие можат да го попречат нашиот напредок; единствено што можеме е да си помагаме едни на други, затоа што имаме заедничка цел – да го видиме Западниот Балкан интегриран во ЕУ, и што е уште поважно, на тој пат да останеме добри пријатели со искрена почит едни кон други, пишува Османи на Фејсбук.

На Топ тема Александар Николоски тврдеше дека имал информации за неформалната средба помеѓу Османи и Бушати.

Бев информиран за неформалниот состанок на албанскиот ексминистер за надворешни работи, Дитмир Бушати, и на актуелниот заменик-министер за европски прашања, Бујар Османи, во кој беше брзо договорено Македонија и Албанија да се приклучат на истата група. За мене тоа беше најголемата грешка и сега ќе разјаснам зошто. Логично беше кога проблемот на Македонија ќе биде решен, да оди со црногорската и српската група. За Албанија тоа беше многу проблематично, бидејќи Косово и Босна сè уште се недефинирани држави. Косово не е ниту формално член на ОН. Македонската дипломатија ја направи најголемата стратешка грешка, бидејќи беше јасно дека Албанија нема да може да ги спроведе реформите. За да ја забавува Македонија, Бујар Османи подготви план 3-6-9 и реализираше 41% од планот што самите го создадоа, рече Николовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.