По јавната прозивка на Судскиот Совет и судиите од Апелациониот суд Скопје од страна на Здружението на оштетени физички и правни лица „Правда за штедачи“ во врска со „еднодневната” одлука советот на Апелациониот суд Скопје од 23.09.2021 година, на 13.10.2021 година во јавноста имаше двојна реакција. Првата беше од Апелациониот Суд Скопје кој невешто се обиде да се сокрие зад законски и деловнички одредби, во стилот „се е според законот”. Од друга страна, Судскиот Совет реагираше дека постапувањето на советот од Апелациониот суд Скопје ќе биде проверен, особено како тоа се случило само за еден ден да биде донесена одлука по многу обемен и сложен предмет. Ајде да видиме, можеби конечно нешто ќе почне да се движи. И тоа по допрен глас и по службена должност.

Во меѓувреме, истиот ден, 13.10.2021 година, Здружението „Правда за штедачи“ поднесе ново барање до Основниот граѓански суд Скопје, со кое Здружението бара како претходно правно прашање Судот да донесе Решение со кое ќе ја ЗАПРЕ од извршување Шемата на утврдени побарувања во делот на исплатниот ред на Фондот (согласно член 80 од Деловникот на Уставниот суд), со Решение Судот да го дефинира исплатниот ред на Фондот за осигурување на депозити во стечајната постапка и да го задолжи стечајниот управник да го утврди новиот редослед во Шемата, предизвикан со спроведување на Одлуката на Уставниот суд од 25.05.2021 година. Со укинување на членот 163 став 3 од Законот за банки од страна на Уставниот суд, Фондот ја загуби активната легитимација во стечајната постапка како и исплатниот ред во стечајната постапка. Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје донесоа одлуки со кои на Фондот за осигурување на депозити му обезбедија активна легитимација во стечајната постапка со измислена (импровизирана) законска одредба за посебна (sui generis) законска суброгација која одредба не постои во ниту еден закон во нашето законодавство. И воедно, утврдија дека правниот основ од каде Фондот има право да наплаќа од стечајната постапка ја црпи од Статутот на Фондот. Цитат од одлуката ТСЖ.бр 1554/21 од 23.10.2021 на Апелациониот суд гласи:

Исто така судот правилно примил за утврдено дека по укинување на одредбата од член 163 став 3 од Законот за банки од страна на Уставниот суд на РСМ, одредбата од член 17 од Статутот на Фондот е правниот основ по кој Фондот го наплатува износот од средствата исплатени врз основа на член 13 од овој статут, од приливот на средства од ликвидационата, односно стечајната маса на членка која била водена ликвидациона односно стечајна постапка”.

Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје не само што во одлуките креирале непозната законска одредба наречена посебна (sui generis) законска суброгација, туку и двата суда воопшто не се изјасниле каде е содржана таа законска одредба и во кој закон, иако тоа прашање стриктно беше напишано во жалбата, наведувајќи дека Пресудата на Основниот граѓански суд Скопје е нејасна и неразбирлива.

Дури и за обичниот граѓанин е познато што регулира Статут на еден правен субјект, но судиите од Основниот и Апелациониот суд Скопје, утврдиле дека со подзаконски акт односно Статут, правниот субјект може да стекне права кон трети лица. Да се биде доверител во стечајна постапка врз основа на Статут значи токму тоа, врз основа на подзаконски акт да се стекнуваат права во однос кон трети лица.

Поради уникатните одлуки на Основниот и Апелациониот Суд Скопје, Здружението предупредува дека преку незаконито водење на стечајната постапка, депозитите на доверителите – физички и правни лица повторно ќе бидат ограбени. Грабежот ќе биде под директна палка на судските власти, се разбира, доколку се овозможи докрај да продолжи неодговорното и противправно постапување во понатамошниот тек на стечајот.

Јавноста мора да знае дека Фондот за осигурување на депозити наплаќа годишна премија од банки и штедилници за осигурување на депозитите на депоненти – физички лица до 30.000 евра и при ризичен настан, согласно Закон, Фондот има обврска да исплати на осигурениците до 30.000 евра. Во Законот за Фонд за осигурување, нема одредба со која му е овозможено Фондот да наплаќа од стечајната маса.

Бидејќи Основниот и Апелациониот суд во нивните одлуки не утврдија во кој закон е предвидена посебна (sui generis) законска суброгација, како Здружение укажуваме дека во Законот за облигациони односи постојат договорна и законска суброгација, но не и измислена (импровизирана) одредба посебна (sui generis) законска суброгација, која правниот сонов го црпи од Статутот на Фондот.

Поради горенаведеното, Здружението се сомнева дека и овој пат по Барањето поднесено од група на доверители, доставено во Суд на 13.10.2021 година, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје ќе бидат пристрасни при одлучувањето и носење на конечна одлука, на штета на граѓаните и фирмите. Поради тоа, јавно го повикуваме Судскиот Совет да го следи судскиот предмет СТ. 123/20 на Основниот граѓански суд Скопје по кој е поднесено Барање до Основниот суд од 13.10.2021 година, за утврдување на нов исплатен ред на Фондот во стечајната постапка. Бидејќи и овој пат судовите можат да донесат решение врз основа на импровизација место да применат законски одредби, и тоа на штета на граѓаните и фирмите доверители. Но, овој пат се надеваме дека Судскиот Совет сето тоа будно ќе го следи, за да не се случи Основниот и Апелациониот Суд повторно да искреираат некоја нова „посебна (sui generis) законска суброгација”, непозната за правната фела во државата.

Повторно нагласуваме дека се работи за премногу сериозен предмет за да не се повтори ситуацијата како претходно, кога судиите од Апелациониот суд Скопје, особено судијата-известител, имале несериозен однос, кога за еден ден, предметот од голем обем бил проучен, закажана седница, и истиот ден советот донел одлука со која ја потврдил одлуката на Основниот граѓански суд Скопје.


Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард банка

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.