Наместо Павлина Црвенковска да си даде неотповиклива оставка од ново добиената позиција на претседател на Судски совет, одлучи да проба да и појасни на јавноста дека постапките на нејзиниот сопруг се безначајни и дека се само обични факти случени во некое време пред таа да се кандидира за позицијата која сега ја има, прашуваат оштетените штедачи на Еуростандард банка.

Ние сме должни да и дообјасниме на јавноста преку факти и одговори на прашањата на Павлина Црвенковска, за каква личност всушност се работи.

Имено, од досегашните приложени факти можеме да заклучиме дека семејството Црвенковски успеало да најде правни дупки во законите и правниот систем, и најважно од се, да успее да извлече фантастични 1.600.000 евра заедно со една, сега веќе докажана, банда криминалци од раководството на Еуростандард банка. Да потсетиме, билансите на фирмата Екопласт Рисајклинг во сопственост на Зоран Црвенковски, говорат дека таа била презадолжена и во загуби уште кога и е доделен ненаплатениот кредит, а истиот е одобрен со четири пати помало обезбедување! Фирмата е сега веќе во стечај од 29 октомври 2020 година, само неколку месеци по пропаѓањето на Еуростандард банка.

Оставаме на јавноста да процени дали сопруга на некој кој ја искористил слабоста на системот и своите блиски врски со раководството на банката, е достојна да води еден сериозен орган како Судски совет.

На второто обвинување на Павлина Црвенковска дека гореспоменатиот кредит е изнесен во јавноста во моментот на нејзин избор за претседател на Судски совет, сакаме да укажеме на следното:

· Прв пат, името на фирмата Екопласт Рисајклинг ја наведовме во соопштението на 12 ноември минатата година ФИРМИТЕ ИСПЛИВАА НА ВИДЕЛИНА: Штедачите ги објавија имињата на компании кои добивале кредити без покритие (faktor.mk).

· Втор пат, каде покрај името на фирмата го објавивме и името на сопственикот Зоран Црвенковски, во соопштението на 23 април оваа година https://www.slobodenpecat.mk/oshteteni-shtedachi-koga-zoran-czrvenkovski-od-ekoplast-risajkling-ke-odgovori-kako-go-dobil-nenaplatliviot-kredit-od-16-milioni-evra/

Ние знаеме дека од позиција каде моментално се наоѓа Павлина Црвенковска, најверојатно се чувствува дека таа и сопругот се недопирливи за законот и дека ете умешно го изиграле системот, и затоа нема причина да се одговори на истите лица од кои всушност се украдени парите. Ја повикуваме јавно Павлина Црвенковска да одговори кога нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски ќе ги врати 1.600.000 евра на нас ограбените физички и правни лица од Еуростандард банка. Црвенковска да одговори и како е можно да му се одобри милионски кредит во евра на нејзиниот сопруг со заложена опрема со проценета вредност четири пати помала од преостанатиот долг. Дали Павлина Црвенковска стана претседател на Судскиот совет за да го амнестира криминалот на нејзиниот сопруг или можеби целиот организиран криминал во Еуростандард банка? Како таа ќе се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството, кога за неа се нема ниту углед ниту доверба?

Замислете колку време е потребно за да Павлина Црвенковска заработи 1.600.000 евра земени од 3.000 семејства! Да, тоа е повеќе од 110 години со примањата како претседател на Судскиот совет.

За делот со анкетниот лист на Павлина Црвенковска, која како јавен функционер свесно го нема наведено имотот на нејзиниот сопруг, очекуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни по ова прашање. Тука само сакаме да ја запрашаме Павлина Црвенковска дали сметајќи дека ќе се избегне одговорност, поголемиот дел од имотот е префрлен на име на ќерката Ирина Црвенковска Кчев? Дали семејството Црвенковски смета дека со овој потег повторно го изиграа системот? За ова прашање ние ќе дадеме одговор, преку потсетување за делот од законот којшто вели дека во случај на сторено кривично дело и преку него стекната противправна имотна корист, вака стекната корист не може да се задржи без оглед на чие име е пренесена сопственоста. Во ваков случај, обвинителството може да предложи проширена конфискација што ги опфаќа и блиските лица на сторителот.

Нивната ќерка, Ирина Црвенковска Кчев, сега се јавува и како сопственик на фирма за собирање на отпад Еко Колектор ИЦК дооел Скопје. Фирмата е основана во јули 2018 година, само еден месец откако нејзиниот татко Зоран Црвенковски решил да не го враќа кредитот во Еуростандард банка. И замислете, тој нејзин татко кој „позајмил“ 1,6 милиони евра и не ни ги вратил, е управител на оваа новоформирана фирма. Една фирма носи во стечај со земени и невратени наши лични пари и се појавува во друга фирма додека ја остава првата да пропадне.

Ги прашуваме нашите лидери во државата, премиерот Заев и претседателот Пендаровски, дали и понатаму ќе молчите и ќе го толерирате ваквото однесување на високо поставени јавни функционери во нашава држава како Павлина Црвенковска? Нели ќе се оценуваше интегритетот и ќе се правеше ветинг на луѓето во судската власт? Дали ја гледате злоупотребата на Павлина Црвенковска или се согласувате со истата?

Јавноста ќе прочита и други интересни новости за овој случај во наредното соопштение. На нашите сограѓани им посакуваме среќни празници и добро здравје! Продолжуваме понатаму, нагласуваат оштетените штедачи на Еуростандард банка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.