Под слоганот „Се арчиме за Македонија“ Општина Велес денеска одбележува 120 години од познатите Солунски атентати на Гемиџиите – група млади интелектуалци од кои поголемиот дел биле велешани. Тие со серија динамитни акции на повеќе објекти во Солун на крајот на април 1903 година, а по претходниот договор на групата, со својата саможртва сакале да го свртат вниманието на Европа кон Македонија поробено под турско ропство.

Програмата започна синоќа со изведба на претставата „Самооткажаните“ на Драмската група на велешките гимназијалци на големата сцена во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

Чествувањето на јубулејот ќе продолжи денеска во 12:30 часот на споменикот на Гемиџиите кај Вардар во Велес, каде повеќе делегации ќе положат цвеќе.Тие ќе им се поклонат на Гемиџиите и на нивното херојско дело кое е пример за секој Македонец за тоа колку може да се сака Македонија, а по цена на тој пат свесно да се саможртвува сопствениот живот.

Во 13 часот во Народниот музеј е закажана Свечена академија на која ќе се обрати градоначалникот Марко Колев. На тема „По стапките на Гемиџиите пред 120 години и денес“ излагање ќе има проф д-р Ѓорѓи Малковски.

Свеченоста ќе биде збогатена со драмски перформанс, премиера и музичко-уметнички колаж во изведба на Орхидеја Дукова и Сашко Костов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.