Тони Трајковски е во добра општа состојба и на пат е кон дома. Ако не дојде за еден час, ќе го приведеме стражарно, рече судијата Огнен Ставрев на почетокот на денешното рочиште за случајот „ТНТ“ и даде еден час пауза.

Но фотографиите од претепаниот Трајковски до кои дојде „Република“ сведочат поинаку.

Како што уредно пријави адвокатот на Трајковски, доцна синоќа тој бил претепан од непознати лица додека бил на прошетка со поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски.

Во 6.30 часот Трајковски бил пренесен во болница, имал хематом, со видливи повреди, кажа адвокатот Јовица Страшковски.

Дека е така, видливо е и од фотографиите, но од заканата дека стражарно ќе го приведе претепаниот Трајковски видлив е и степенот на омраза и нетрпеливост на судијата Ставрев да го оконча случајот „ТНТ“ и да ги осуди осомниченените.

Случајот е пријавен во полиција, но МВР се уште не изнесува детали за нападот.

Од друга страна, судот му се заканува со приведување. Оттука, се уште е нејасно кој сака да го заплаши и да го замолчи поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски.

Како што објави Република, предметот „ТНТ“ го следат низа недоследности во постапката. Освен што се брза да биде завршен до 24 декември кога наводно ѝ истекува мандатот на една судијка-поротничка, за која постојат информации дека наполнила 60 години уште пред 2 години, се одржуваат маратонски рочишта, на кои обвинет се испрашува и по 12 часа.

 

Лилјана Ивановска Кочковска уште пред две години и пет месеци има наполнето 60 години и не смее да суди и да биде член на судски совет

Според законот судија-поротник не може да биде лице кое наполнило 60 години. Ивановска Кочковска го поминала прагот на 7 август 2017 година, но извесно е судот и судскиот совет да не реагираат за да не се одолговлекува процесот и побрзо да осудат лицата под политички прогон од ВМРО-ДПМНЕ.

Последно што се шпекулира пред денешното судење, а потекнува од извори на одбраната е дека денес и утре можно е да дојде до брутално и еклатантно кршење на законите и правата на обвинетите, така што судечкиот судија ќе упадне во давањето одбрана, со што одбраната ќе биде ограничена за да се фати рокот. Ако се случи овој преседан, македонското судство ќе го доживее врвот на својата корумпираност, клиентелизам и партиско управување. Без кршење на Законот и нарушување на правото на одбрана на обвинетите од страна на оние кои најмногу треба да го почитуваат законот, а тоа се судиите, не постои шанса предметот да заврши до 24 декември, вторник до крајот на работното време 16.00 часот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.