Пописот кој власта на сила го турка среде пандемија нема за цел да биде статистичка операција, туку фингиран попис кој ќе биде резултат на политички пазарења на СДСМ и ДУИ, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Оттука велат дека во ниту една демократска земја не постои попишување без докази, само со диктирање на матични броеви и два врзани потписи, но тоа ќе го има во Македонија затоа што Зоран Заев има таков договор со ДУИ за бројка на одредени етнички заедници која однапред е договорена.

„Токму затоа и власта ги одби сите амандмани кои имаа за цел да се спречи пописниот фалсификат на власта, а токму затоа и не сакаат попис со отисок од прст, затоа што само така може да се знае реалната статистика која на СДСМ и ДУИ не им влегува во пазарот. Од ваквото силување на пописот, нема да имаат корист ниту државата ниту граѓаните туку само двете партии на власт. Затоа и се уште не ја објавуваат методологијата за пописот бидејќи се зафатени со креирање на лажни бројки и лажна слика за населението во Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека нормален попис треба да ги даде реалните бројки според кои ќе се крои секоја државна стратегија, но за жал Македонија ги има СДСМ и ДУИ кои не ги интересира државата, туку ги интересираат сопствените бизнис интереси.

ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на овој закон и носење нов со консензус кој „ќе биде од корист на Република Македонија и граѓаните, а не на одредени политички партии, конкретно парламентарното мнозинство“.

Доколку законот за попис биде изгласан на сила, од опозицијата најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за да го поништат овој закон и да биде донесен нов.

Од СДСМ реагираат:
ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш кога се носат битни законски решенија за државата и граѓаните се однесува деструктивното, неодговорно и антидржавно.

И сега кога пред пратениците во собранието е законот за попис опозициската ВМРО-ДПМНЕ предводена од губитникот Мицкоски е на спротивната страна на државните и националните интереси.

Законот за попис на населението овозможува оваа пролет, по речиси 19 години, во државата да се спроведе попис согласно меѓународните стандарди и прописите на Евростат.

Последниот попис во 2011 година не успеа токму поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и сега опозициската партија повторно ја политизира оваа важна статистичка операција.

Целосно нејасно е зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се противат на Законот се противат државата да има прецизни статистички податоци, важни за креирање на среднорочни и долгорочни политики и стратегии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.