Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го искористија отсуството на двајца пратеници од власта кои се во изолација, за да ја блокираат денешната 30. седница на Собранието. Од владејачкото мнозинство еден пратеник е позитивен на коронавирус, а уште еден е тестиран и чека резултати, па поради тоа се во изолација.

Пратениците во ВМРО-ДПМНЕ не влегуваа во пленарната сала, па поради тоа не можеше да се обезбеди кворум од 61 пратеник, ниту за да се изгласа утврдениот дневен ред. Затоа седницата не ни почна, а претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина со образложение дека нема деловнички можности за работа.

Координаторот на СДСМ Јован Митрески кажа дека опозицијата со денешното неприсуство на седницата покажува недржавничко однесување, особено што на дневен ред е измена на Законот за лекови, поврзани со вакцинацијата против ковид-19.

„Опозицијата има други интереси, теснопартиски и лични, за да се прикаже државата во лошо светло, поради што трпат институциите и државата, рече Митрески додавајќи дека од овие причини опозицијата го блокирала донесувањето на Деловникот за онлајн седници со цел, како што рече, да може да ја кочи работата на Собранието.

На говорот на Митрески реплицираше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој кажа дека не присуствуваат на седницата поради недемократското однесување на мнозинството во парламентот.

„Опозицијата е цело време во Собранието и ќе ви дишеме цело време во врат се додека се обидувате на ваков начин да ја преставите демократијата во Република Македонија. Она што го зборуваме од почетокот се покажува на дело, затоа што со 62 пратеника се однесувате како да имате 100“, рече Мицевски.

На денешната седница меѓу точките на дневен ред е и интерпелација за работата на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, предложена од опозицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.