Опозицијата барала со амандман на ребалансот три возила за болницата во Струмица – власта одбила, соопшти денеска Дајанчо Ефтимов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, откако пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов најави синоќа дека Струмичката болница за два месеци ќе добие ново болничко возило.

Како пратеници од струмичкиот регион поднесовме амандман на ребалансот на буџет, кој е во постапка, за прераспределба на 3,5 милиони денари за набавка на три амбулантни возила за болницата во Струмица, но, за жал, пред неколку дена власта овој амандман го одби со образложение дека не е потребна таква набавка.

Очигледно е дека власта или не ја знае состојбата во Струмичката болница или не сака да ги помогне капацитетите, само затоа што предлог-амандманот на буџетот доаѓа од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Оттука сметам дека е крајно лицемерен одговорот на пратеникот Костадинов, кој исто така доаѓа од Струмица и кој најави дека интервентно ќе се обезбедувало возило за Струмичката болница, кога истиот и власта од неговата партија можеа тоа да го направат со поддржување на амандманите на опозицијата, а доколку успееја да обезбедат и уште едно возило, дотолку подобро и за болницата и за граѓаните на Струмица. Патем Костадинов најавува, замислете итна набавка на болничкото возило дури после два месеци, а на болницата и требаат токму сега во услови на илјадници заболени дневно од корона вирус, изјави Ефтимов.

Случајот околу дотраените болнички возила во Струмица го отвори вчера директорот Наќе Гогов, кој на Фејсбук објави жиро-сметка за донации за набавка на ново возило. Потоа, тој го повлече статусот, како што рече, по повеќе негативни коментари и апелираше да не се донира.

Набрзо потоа, пратеникот на СДСМ од Струмица Коста Костадинов повика здравствените работници да останат со ладни глави и најави набавка на ново возило, за што, како што посочи, се консултирал со премиерот Зоран Заев и со министерот за здравство Венко Филипче.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.