За многу кратко време, за неколку дена, ќе излезевме со акција на апсење, не со информација, доколку опозицијата не го обелоденеше случајот со пасошите во јавноста, истакна вечера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју на ТВ21, одговарајќи на прашање околу случајот „Двојник“.

Истрагите кога се водат, тие не може да завршуваат со информација за јавноста, туку мора да завршуваат со кривични пријави и со апсења. Затоа реков дека ова требаше да биде координирана акција заедно со нашите партнери, нагласи Спасовски.

Тој додаде дека тие кои што биле вмешани во издавањето на пасоши се веќе во притвор.

Спасовски потсети дека и претходно, исто така, имало издавање на фалсификувани пасоши, возачки дозволи и на лични карти.

Па, во времето на режимот знаете за 36 илјади лични карти за коишто информирав, а за кое е водена постапка во Специјалното обвинителство. Па ќе потсетам за патните исправи на Горан Грујовски и на Никола Бошковски, па на други структури во УБК, па на други структури во МВР итн., за коишто се водени постапки. Така што, ова е процес којшто ние сме го детектирале, сега откриле и за коишто постои кривична одговорност. Секако има одговорност и за тие претходно коишто работеле, додаде министерот.

Тој нагласи дека се познати осомничените лица и дека сите се суспендирани од работа. За дел, како што рече, има изречено мерка притвор, за дел мерки на обезбедување, а еден се бара со меѓународна потерница.

На прашањето околу тоа дека еден од нив е близок роднина, братучед на директорот на Управата за водење матични книги Бујар Дартишта, Спасовски одговори дека тој не знае за таква информација.

Можеби се роднини, но тоа воопшто не е важно, кој и што е. Значи, ниту некого ќе го ослободи од одговорност дали е роднина, дали е припадник на политичка партија, дали е близок до одредени функционери итн. Тоа воопшто не е важно. Тоа е ирелевантно за целава оваа постапка, исто како што не може да го ослободи никој од одговорност тој којшто издавал такви пасоши, а имаме информации дека дал информации некаде на друго место. Одговорност мора да има, нагласи министерот за внатрешни работи.

Околу информациите дека има „свиркач“ од опозицијата, Спасовски посочи дека тоа е термин којшто не може да биде искористен за тоа лице.

Тоа лице е уапсено заради тоа што е дел од таа криминална структура. Ние имаме посебен Закон за укажувачи наречени „свиркачи“. Таму постои постапка како и на кој начин тие лица можат да укажат на одреден пропуст, незаконско работење итн. МВР има определено веќе и лице не од сега, многу одамна, лице кое работи со укажувачите. Таква пријава ние немавме до тој момент, така што тоа се веќе шпекулации, дневно-политички игри. Зборуваме за лица коишто се учесници во криминал и пред коишто стои одговорност за она што го направиле, потенцираше Спасовски.

На прашањето дали може да се случи истражната постапка да ја води Европол или други меѓународни институции да дојдат на помош на МВР, Спасовски одговори дека тој кажал оти работат заедно со меѓународните партнери. Тука, како што рече, се вклучени директно Интерпол, тука се нашите партнери од САД, секако дека сите информации ги споделуваме и со Европол.

Тоа е практично одговорност во партнерското работење, а МВР не сега, низ годините покажа дека знае да биде кредибилен партнер. Така што, ова покажува дека нашите капацитети се сериозни во справувањето со каква било криминална активност, посочи министерот.

Во однос на најавите за проширувањето на истрагата на „Двојник“, Спасовски рече дека тоа треба да се направи без разлика каде и колку високо ќе дојде и во хиерархијата и во институциите и надвор од институциите.

Околу проблемот со граѓаните кои немаат државјанства, Спасовски нагласи дека станува збор за околу 800 лица и оти бараат механизми за одредени проблеми коишто се појавуваат во постапката дали тие можат да бидат надминати и со што можат да бидат надминати.

Така да јас очекувам дека ќе седнеме повторно ќе разговараме и дека ќе можеме да дојдеме до решение се со цел да излеземе во пресрет на граѓаните. Прашање на техника е дали ќе се оди со ново законско решение или ќе се оди со измена на веќепостоечки закон. Прашањето е да се усогласиме за принципите и што е тоа што сакаме да постигнеме. Нема да се направи никаква отстапка, туку во рамките на оваа правна рамка да најдеме решение за овие граѓани кои што треба да го остварат своето право, рече Спасовски.

За информациите дека во земјава има лица кои имаат двојни матични броеви, Спасовски образложи дека за матичните броеви треба да знаеме дека според Законот за единствен матичен број којшто бил воведен во земјава од 1980 година, кога за првпат е уредено ова прашање на матичниот број и евидентирањето на матичниот број, тогаш во тој момент се евидентирал матичниот број според живеалиштето на граѓанинот, додека за новородените деца тоа е според местото на раѓањето.

Значи, оваа постапка за уредувањето на матичните броеви започнало 1981 и треба да заврши 1985 година. Тогаш практично се направени одредени технички прописи во коишто има запишано на одредено лице и по два матични броеви. Секако дека такви грешки се појавувале и подоцна од многу причини, од многу аспекти – дали комуникацијата со Управата за водењето на матичните книги, односно со единствената евиденција која што се води во матичните книги на родените, дали е тоа заради електронскиот систем којшто е таков каков што е и при една автоматизирана постапка практично не може да се детектира двојниот матичен број итн. и согледувајќи го целиот овој аспект веќе МВР работи подолго време во утврдувањето на двојните матични броеви и на поништување на тие матични броеви. Тоа е рачно заради тоа што мора да се проверат сите бази со коишто ние располагаме во МВР и на основа на тоа таму каде што се утврдува двоен матичен број ние го поништуваме заради тоа што МВР е задолжено за определување на матичниот број на граѓанинот и за укинување на матичниот број, односно поништување на матичниот број ако за тоа постојат одредени причини коишто се предвидени со закон, наведе министерот за внатрешни работи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.