Околу 1300 потписи за два дена собра онлајн петицијата за поддршка за просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, која јавно обзнани дека јавни функционери незаконски стекнувале факултетски звања на Државниот универзитет во Тетово, меѓу кои и актуелниот министер за образование Арбер Адеми.

„Кажете еднаш засекогаш НЕ! за криминалот во Македонија“, стои во отворената петиција.

Потписниците на петицијата отворено даваат поддршка за инспекторот.

„Затоа што тој е единствениот храбар човек кој се одважи да ги почитува законите, да ги спречи криминалот во оваа држава. Мора веќе СТОП за криминалот да се каже!“, пишува еден потписник.

Друг додава „За жал , се казнуваат луѓе кои работат според закон … тоа мора да престане !!!“ или „Доста е од криминални политичари!“.

Дисциплинската комисија при Државниот просветен инспекторат во петокот утврди дека има основи дисциплински да се казни инспекторот Илиевски и кратко соопшти дека утврдиле прекршок, но не сакаа да откријат повеќе детали за причините зад оваа одлука одлука, додавајќи дека постапувале според Законот за административни службеници.

Инспекторот Илиевски изјави дека очекува директорот да му даде отказ на шест месеци пред пензија, најавувајќи дека целиот случај ќе продолжи да го води низ судска постапка.Тој се сомнева дека целиот процес против него се води поради тоа што зборувал за медиумите, имал средби со амбасадори и се обратил до другите институции да ги истражуваат незаконитостите за кои алармирал.

Илиевски изминатиот период со доставување документи и отворени писма во медиумите, откри дека при инспекциите биле утврдени незаконските унапредувања на јавни функционери во наставно-научни звања на Државниот универзитет во Тетово. Покрај министерот за образование Арбер Адеми, тој ги споменува и заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.