Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска отвори истрага против д-р Жан Митрев за кривично дело измама, осомничен дека во неговата приватна болница две години ги доведувал во заблуда пациентите лекувани од ковид-19 со методот на хемофилтрација.

„По утврдување на определени околности во текот на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Измама од член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од ковид-19 со методот на хемофилтрација. Надлежниот јавен обвинител, имајќи ги предвид околностите, до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка за обезбедување на осомничениот – одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за издавање нова. Ваквата мерка е предложена заради неопходноста да се обезбеди присуството на осомничениот и за непречено водење на постапката, соопшти Обвинителството.

Скопското јавно обвинителство на 18 јули по допрен глас отвори предмет за недозволеното експериментално лекување на пациенти во клиниката „Жан Митрев“ од Скопје, откако на 17 јули се емитуваше документарна сторија „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија(ИРЛ). ИРЛ ја објави истражувачката сторија за лекување на пациенти од ковид-19 со хемофилтрација, при што некои починале од интрахоспитални инфекции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.