Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска ќе ја обжали одлуката на Кривичниот суд кој му определи куќен притвор на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Според Обвинителството, приложени се доволно докази за определување на мерка притвор, сметајќи дека може да влијае на сведоците и доказите кои треба допрва да се прибавуваат во постапката, но и поради опасност од бегство. Во образложението на судот, пак, за одлуката Рашковски да биде дома, а не во Шутка, се наведува дека Обвинителството не доставило доволно докази за притвор, односно дека осомничените не се имотни на начин на кој би влијаеле на истрагата. Јавниот обвинител Љубомир Јовески негира дека Обвинителството чекало Рашковски да даде оставка, за потоа да постапува. Отфрла какво било влијание од извршната власт за овој случај, велејќи дека немало никакви сугестии.

„Обвинителството овој предмет го отвори кога лицето за кое зборувате се уште ја извршуваше функцијата и тоа го отвори по допрен глас после преземените предистражни мерки. Јавниот обвинител кој постапува по предметот нашол дека постојат основи за отворање на истрага и ја отвори истрагата и притоа според негова оценка треба да се преземат соодветни мерки против лицето за кое се води истрагата“, вели Јовески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.