Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски сторил кривично дело со тоа што јавно покажа дека поседува документи со искази од случајот „Рекет“ повикувајќи се на свиркачи, смета ОЈО, но тој се уште не е повикан во обвинителството да даде исказ. Дали и во кое својство би бил повикан ќе одлучи обвинителот кој го води предметот врз база на доказите. Сепак, од обвинителството се децидни дека записниците од исказите кои вчера ги покажа Мицкоски, не протекле од кај нив.

Повикување на свиркач се однесува само за кривични дела за кои нема постапки, во случајов се работи за предмет што е длабоко навлезен во истрагата од што се подразбира дека е нарушена тајноста на постапката, а со тоа е сторено кривично дело. Од извршените проверки е утврдено дека објавените записници и други докази посочени на вчерашната прес-конференција не потекнуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Доколу утврди елементи на кривично дело, Обвинителството ќе постапи согласно со своите надлежности, соопшти денеска ОЈО.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека се уште не бил повикан да даде исказ, но очекува „Заев да нареди, Вилма да испорача и Кацарска да пресуди“.

До овој момент немам добиено никаква покана од ОЈО, но во епицентарот на Заевизмот од Зоран Заев, Вилма Рускоска и Кацарска очекувам Зоран Заев да нареди, Вилма Рускоска да испорача, а Кацарска да пресуди. Така што, тука сум, гонете, обвинувајте, апсете, изјави Мицкоски за ТВ 24.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.