Владата ја донесе Уредбата за определување минимална плата од 14.500 денари за април и за мај за сите министри, пратеници, судии, обвинители, директори и сите други избрани, именувани и назначени лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба. Целта е да се обезбедат средства за имплементација на економските мерки донесени од Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот КОВИД -19.

Согласно оваа Уредба на избраните, именуваните и назначените лица утврдени во член 2, за месеците април и мај 2020 година им се исплатува плата во висина на минимална плата утврдена за декември 2019 година, во износ од 14.500 денари. Заштедата по основ на оваа Уредба со која се опфатени 1.165 функционери и 895 директори на втора линија буџетски корисници и на институции кои се финансираат преку блок-дотации изнесува околу 240 милиони денари за два месеца, соопшти владината прес-служба.

Уредбата е со законска сила и се однесува на избраните и именуваните лица во јавниот сектор: пратениците во Собранието; Претседателот и функционерите кои ги именува Претседателот; претседателот на Собранието и функционерите и лицата кои ги избира или именува Собранието, претседателот на Владата и избраните и именуваните лица од Владата; градоначалниците и лицата кои остваруваат право на плата по престанувањето на функцијата, согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица; именувани лица од Владата кои остваруваат право на плата согласно со Одлуката за утврдување на коефициенти за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата.

Како што информира владината прес-служба, со одредбите од оваа Уредба се опфатени и претседателите и членовите, односно лицата кои раководат со регулаторно тело, лицата кои раководат со институциите кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, и во институциите кои вршат работи од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, правни лица на кои им е доверено вршење на јавно овластување, јавни установи, јавните претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од Градот Скопје и од општините во Градот Скопје и акционерските друштва во целосна сопственост на државата.
Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат и на назначените државни секретари, генерални секретари, секретарот на Градот Скопје и секретарите на општините, кои остваруваат право на плата согласно Законот за административни службеници. Се однесуваат и на избраните судии кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на судиите и на избраните јавни обвинители кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на јавните обвинители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.