Симболично, со положување на цвеќе пред споменикот на градителите, делегација на АД ЕСМ, предводена од раководството на ХЕС „Маврово“, им оддаде почит на загинатите градители, кои ги загубиле животите во снежна лавина во 1956 година, градејќи го хидроенергетскиот систем Маврово.

Како вработени во хидроелектраната сакавме да останеме верни на традицијата и скромно, со почитување на сите протоколи во услови на пандемија, со идеја да не се заборави делото на загинатите градители ја одбележуваме 66 годишнината од нивната трагична смрт. Денеска, со положување на цвеќе пред спомен-обележјето ги чествуваме луѓето кои се вградиле дури и со своите животи во своите работни задачи, за да изградат капацитети од витално значење за државата, рече директорот на подружницата ХЕС „Маврово“ Ѓорѓи Божиноски.

Зимата во Мавровскиот регион ноќта меѓу 10 и 11 февруари 1956 година се случила најголемата природна катастрофа. Од планината Кораб се струполиле снежни лавини врз бараките на градителите на Мавровскиот хидроенергетски систем. Снежните лавини затрупале над 100 лица, а половината од нив успеале да се извлечат од белата смрт и да се спасат. Најголемиот дел од загинатите биле градители на мавровските хидроелектрани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.