Пред неколку дена беше поднесена кривична пријава за злоупотреба на лични податоци, заради неовластено објавување на списоци со наслов Корона вирус -КОВИД 19 за граѓани на кои се објавени имиња, датум на раѓање и адреса на живеење.

Истражувањето за овој ексел документ, пресликан во две фотографии, е објавено во емисијата КОД.

КОД откри дека овие фотографии првпат се споделуваат преку социјалните мрежи на први април. Тоа го покажува и документот на кој на врвот стои Општина Куманово заклучно со 30-ти март. Некој кој имал пристап до списокот ги сликнал списоците со сите податоци на болни, заразени луѓе. Потоа таа слика се споделува од некој злосторник која ја искористил шансата бидејќи имал пристап до податоците. Во тој момент во Куманово има регистрирано двајца починати од Ковид 19 кои со личните податоци ги има во сликаните документи и вкупно 47 потврдени случаи на корона вирус. Тој ден бројот на заразени во Куманово се дуплира од 24, за еден ден имаше 23 позитивни тестови.

Фотографиите се споделуваат преку социјални мрежи и на први април вечерта, но продолжуваат да се споделуваат и препраќаат и наредниот ден на втори април.

За нив разбира и полицијата и центарот за јавно здравје во Куманово. Веднаш е отворена постапка, истрага за да се открие изворот на фотографиите. До петокот 10-ти април, 9 дена уште немаше никаков епилог потрагата. Тогаш дирекцијата за заштита на лични податоци поднесе кривична пријава против непознат сторител. Обвинителството се вклучи во барањето.

Според сознанијата на КОД во целата постапка е вклучена и внатрешната контрола на МВР. И полицајци имале пристап до списокот. Но се уште нема откритие кој го проби и украде списокот. Вкупно три различни институции имаат пристап до него.

Список на заболени во ексел документ прави државниот Институт за јавно здравје, но и Центарот за јавно здравје, Куманово каде пристигнуваат информации од тестирањата на Ковид 19. Таму се прави листата со основните податоци. Во таа здравствена институција во Куманово десетина луѓе имаат пристап до податоците. Надлежните од центарот не сакаа да дадат повеќе информации и да споделат сомнежи бидејќи во тек е полициска истрага.

Информациите се споделуваат со општинскиот кризен штаб во кој членуваат претставници на повеќе институции, полиција, ЦУК, армија, локални претставници, првите луѓе на болницата и на центарот за јавно здравје. Веднаш по пројавените информации, градоначалникот Максим Димитриевски кој го води штабот ја известил кумановската полиција и побарал истрага. Документот не е споделуван на штабот ниту сум го видел, вели Димитриевски.

Податоците за адресите на заразените ги добива и полицијата, која со патроли ги надгледува местата особено на оние пациенти кои се на домашно лекување со поблаги симптоми. Најмалку триесетина полициски службеници учествуваат во оваа операција кои со списокот проверуваат дали пациентите седат дома. Станува збор и за теренски полицајци, но и за нивните сменоводители во полициската станица. Извори во СВР Куманово тврдат дека сега се бара дали некој од полицајците ја ширел фотографијата на интернет. Доколку полицаец го сторил делото ќе одговара, уверуваат од полицијата.

Целата емисија тука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.