Фондот за здравствено осигурување воведува електронски рецепт за терапија, кој од утре ќе почне да функционира за хронично болните пациенти за да се заштитат од ковид-19, но софтверскиот начин на креирање рецепти ќе продолжи и по пандемијата и ќе важи за сите осигуренци.

Директорот на ФЗО Ден Дончев на прес-конференција соопшти дека од утре (1 мај) електронски рецепт ќе почне да се креира за хронично болните осигуреници за нивната терапија. Тие нема потреба да одат кај матичен лекар за да им биде препишан и издаден хартиен рецепт, туку ќе ги контактираат телефонски.

Наместо да одат во ординација и чекаат по чекаланици, треба телефонски да контактираат со матичниот лекар за да добијат информација дека им е искреиран електронски рецепт и потоа во аптека со документ за лична идентификација ќе ги подигнат лековите. Може и друга личност во нивно име да ги подигне доколку хроничните не можат лично да одат. Освен што ова ќе придонесе за поефикасна заштита на пациентите и медицинскиот персонал од ковид-19, ќе продолжи да функционира и по завршување на пандемијата за хроничните, а работиме забрзано да важи и за сите осигуреници и за сите дијагнози, истакна Дончев.

Нагласи дека софтверски креираниот рецепт ќе има повеќекатни придобивки за пациентите, матичните лекари, аптеките, но и за ФЗО зашто се скратуваат трошоците за хартија и печатење и има повеќе време за лекарите односно целиот процес се рационализира и станува побрз и поефикасен.

Посочи дека тоа ќе биде во интерес на 773 аптеки кои имаат договор со ФЗО, на 1.236 приватни здавствени установи од општа медицна, 1.096 ПЗУ од стоматолошката и 165 ПЗУ од областа на гинекологијата.

Покрај тоа, Фондот во реално време ќе ја следи валидноста на овој систем и на издадените е-рецепти, а стручните служби ќе може во реално време да интервнираат при евентуални недоследности или злоупотреби на системот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.