Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги сопшти дека писменото барање што до нив го доставија претставници на ВМРО-ДПМНЕ во тек на денешниот протест е архивирано по стандардна процедура како и за сите правни и физички лица.

Поради состојбата со пандемијата и заштита на здравјето на граѓаните и вработените, РКЕ уште од март 2020 година воведе протокол за работа во кој, помеѓу другото, дописите се доставуваат во изолирана кутија на влезот од РКЕ. Во однос на доставеното барање беше постапено по воспоставениот протокол Здравјето на граѓаните и безбедноста на вработените во време на пандемија е клучен предуслов за функционирање на институцијата и затоа третманот на денешното барање од ВМРО ДПМНЕ е ист како и за сите правни и физички лица кои се обраќаат до РКЕ, наведуваат од Регулаторната комисија за енергетика.

Оттаму дополнуваат дека и покрај притисоците од политичките протести, продолжуваат да работат посветено со полн капацитет водејќи се од начелата на транспарентност и отчетност и ќе опстои во својата независност потврдена од Европската Енергетска заедница.

Со едночасовна блокада на крстосницата и пристапните улици пред Регулаторната комисија за енергетика ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара од власта да ги прифати нивните барања – враќање на старата цена на струјата и оставка на членовите на РКЕ.

Потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, рече дека се обиделе, но барањата не можеле да ги достават до РКЕ бидејќи биле пречекани со затворена врата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.