Oд први јануари 2023 година се зголемува вредноста на капитациониот бод за избраните лекари по општа медицина и гинекологија од 63,00 на 75,00 денари. За избраните лекари стоматолози капитациониот бод се зголемува од 48,00 на 61 денари, по прикрепено осигурено лице, соопшти Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).

Ова зголемување, како што велат од ФЗОМ е резултат од разговорите и преговорите со Лекарската и Стоматолошката комора, а во насока на повисоко вреднување на трудот на избраните лекари и зголемување на квалитетот на пружените здравствени услуги на осигурените лица.

Одлуката за зголемување на капитациониот бод била донесена на последната седница на Управниот одбор, одржана на 26 декември 2022 година.

Заложбите на Фондот се во насока на унапредување на статусот на избраните лекари во примарната здравствена заштита и потребата од нивно поголемо ангажирање во спроведувањето на претстојните реформи во ПЗЗ.

Поради тоа, зголемувањето на капитациониот бод има за цел да поттикне пружање повеќе здравствени услуги на примарно ниво, а со тоа намалување на бројот на упатувања на повисоко ниво на здравствена заштита, како и да поттикне и обезбеди подобрување на превенцијата со навремено откривање, спречување и сузбивање на незаразни заболувања кај населението во нашата држава, велат од ФЗОМ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.