Во античкиот театар на локалитетот Хераклеја во Битола УМС на ВМРО-ДПМНЕ го одбележува триесеттиот роденден.

На годишната конференција пред младината се обрати претседателот на партијата Христијан Мицкоски.

Од тука започнува големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и затоа слоганот на 30-тиот роденден на УМС е „Ние сме иднината“. 

Кога се договaравме со Сергеј за оддржувањето на оваа годишна конференција, еден од соработниците ми посочи дека можно е да е врнежливо времето и постои ризик луѓето да се поколебаат поради можната бура. Бев сигурен дека Хераклеја ќе биде полна, но и дека ќе грми, ќе грми од млади грла чии срца татнат за Македонија, за промени и за нова и сигурна иднина.

А што е еден дожд, кога Македонија е во прашање!? Затоа УМС, „Ние сме иднината“, наша е оваа борба која е битка на нашата генерација, судбоносна борба за правдини, за подобар живот и за она што е наше право, наш долг и наша завет – а тоа е Македонија, рече во поздравниот говор претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Ако ВМРО е чуварот на Македонија, Унијата на младите сили е чуварот и моторот на ВМРО-ДПМНЕ цели 30 години, рече Мицкоски потсетувајќи на местото на УМС во развојот на партијата.

30 години расадник на кадри, двигател и енергија на промените, авангарда која трае, иднината на нашата партија, но поважно – иднината на нашата земја. И затоа и за мене, но и за секој член УМС е повеќе од тело во партијата, туку тоа е емоција, спомени, дружби, арчење за идеја… Први на барикадите, протестите, први во судирот со мафијата! Први во бунтот за нашата Македонија!

Затоа, УМС, честит и вековит роденден! Сакам да ви посакам да продолжите да бидете свои, да бидете слободни, бунтовни. Да не престанете да сонувате и да се борите за своите идеи. Да ја сакате слободата, правдата, да се борите за промени во земјата, да се борите за она што е ваше право, но и обврска. И секогаш, секогаш ќе ја имате мојата поддршка. Бидете силни, бидете енергични, народот во нас гледа шанси за промени и решенија за тешкиот живот. И не смееме да ги разочараме. Едноставно не смееме, и го немаме тоа право. Затоа ќе бидеме заедно на улиците и на теренот, заедно ќе се бориме, ќе тагуваме, но многу повеќе ќе се радуваме и заедно ќе победиме. Ќе победиме и заради сите удари што ги добивме и не’ направија посилни. Ќе победиме за сите сопки, потценувања, омаловажувања кои не направија подостоинствени и посигурни. Заради сите скептици, платени или не, но ќе победиме највеќе за сите чесни луѓе кои во нас гледаат надеж. Топката е во наши нозе, а ние ќе даваме голови, уверува Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.