За зачестените пораки што ги испраќаат членови на Кумановската група, кои одлежуваат казна затвор за настаните од Диво Насеље, упатени кон поранешниот премиер Никола Груевски, за претепувањето на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во затворот во Шутка, но и генерално за безбедноста во Република Македонија разговаравме токму со поранешниот премиер Никола Груевски. Дали Груевски се чувствува безбедно, дали Македонија е безбедна земја за поранешни, сегашни и идни функционери со постоечките закони, но и за граѓаните, Груевски одговара од перспектива на поранешен функционер, но и од позиција на човек кој е добро упатен во механизмите на безбедносниот систем на државата. Во разговорот со Груевски „Република“ се обидува да дојде до одговор на прашањата дали актуелната власт ги потхранува криминалците и зошто лица осудени за тероризам имаат толкава храброст да се закануваат од затворите.

За четири дена четири лица упатија закани до вас и до некои важи соработници. Дали се чувствувате безбедно?

ГРУЕВСКИ: Ова за мене не е ништо ново. Вакви закани и јавно и приватно добивам долг период, како од оваа група терористи и криминалци така од други слични на нив.

Дали баравте поголема заштита од МВР поради ваквите закани додека бевте во Македонија?

ГРУЕВСКИ: Да. Од напуштањето на премиерската функција додека пред доаѓањето на СДСМ на власт бев солидно заштитен. Кога Оливер Спасовски стана министер за внатрешни работи, упатив писмо до него со барање да ми биде одобрен поголем број лица за обезбедување од пропишаниот заради безбедносни ризици поврзани со извршувањето на функцијата премиер. По извесно време добив негативен одговор во кој беше наведено дека нивните служби процениле дека немам ризици, иако дел од заканите беа и јавни. Таква беше и онаа од УЧК од Косово, изречена јавно со јавна објава, чинам некаде во 2015 или 2016 година против мене и Сашо Мијалков, но и против нашите семејства. Освен тие, имаше и многу приватни или преку социјалните мрежи, какви што и денес имам.
Мислев дека барем ќе ме прашаат нешто повеќе околу моето барање, но арогантно ме одбија без разговор. Фрустрацијата им го одзема разумот.

Дополнително на тоа, писмото го објавија во медиумите, божем некој медиум сам неофицијално дошол до писмото. Тоа го сторија за да ме понижуваат, да ме омаловажуваат, да се ситат оние кои ми се противници, а и потенцијалните насилници да знаат дека сум сведен на минималниот законски број лица за обезбрдување, кои исто така планираа да ми ги укинат. Сакаа да ме прикажат и како човек кој ужива и не може да живее без обезбедување, небаре е многу пријатно цел живот каде и да одиш некои луѓе да ти дишат во вратот на секој чекор, па макар тоа било добронамерно обезбедување.

Дочекав државата за која се борев и работев толку многу години, за која ги вложив моите најубави години од животот и за чија заштита влегов во големи ризици кои ќе траат до крајот на мојот живот, кога дојде нова власт не само што не сакаше да ме заштити туку правеше сè за да се овозможи реализација на заканите и ризиците. Тоа е кога власта е водена од незрели луѓе, водени од омраза и лични фрустрации наместо од државничка свест.

Сепак, не се каам. Изборот беше мој. Но, укажувам дека таа пракса е лоша и еден ден ќе им се удри од глава на оние кои ја практикуваат денес. Зрели држави и влади не постапуваат така.

Дали кога кажавте дека сте добиле закани по животот и инфрмации за можна ликвидација во затвор мислевте токму на овие?

ГРУЕВСКИ: Не можам да ве информирам за тоа. Јавното објавување на некои чувствителни информации можат дополнително да ми ја влошат состојбата, а и се плашам дека сериозно ќе ги загрозам изворите кои ми ги дадоа информациите за тоа што ми се подготвува.

Членовите на Кумановската група, кои се обратија со отворени писма или Фејсбук статуси, велат дека четворица соборци од Диво Насеље биле мачени и ликвидирани од полицијата откако се предале со гаранции од ОБСЕ. Дали вие наредивте такво нешто и колку сте во тек со тоа?

ГРУЕВСКИ: Јас прв пат слушам за вакви работи и не знам дали воопшто се точни. Сепак, тоа се работи кои можат да се проверат. Никогаш не сум побарал по предавањето и апсењето некој да биде тепан или малтретиран, а уште помалку убиен.

Мој личен став за тоа е дека Бог го дава животот и само Бог има право да го одземе.

Ова секако не важи во ситуација на самоодбрана и во ситуација за спас на други животи на невини жртви од насилници и терористи. Одбрана на земјата од терористи е и едното и другото.

Да не заборавиме дека оваа група нелегално влезе во Македонија со огромно количество најмодерно оружје и според разузнавачките информации планираше да врши сериозни терористички акции на трговски центри, мостови и слични јавни површини. Затоа и беше пресретната од полицијата.

Неколку месеци пред тоа, пред да преминат од Косово во Македонија, бев информиран дека некои од тие луѓе се обидувале да извршат рекет и изнуда на пари од еден висок албански политичар и партија. Колку што знам не успеале, па вршеа закани од различен тип. Потоа, околу кумановските настани добив и многу други разузнавачки информации за целите, мотивите и задината на доаѓањето на оваа група која важи за многу опасна. Првиот момент кога испратија сигнали за предавање, им беше овозможено. Ничиј живот не треба да биде одземен ако не мора, односно ако не се обидува да одземе туѓ живот во даден момент. Но, токму тогаш тие покажаа дека се кукавици. Според информациите, тие направија кукавички чекор што побараа можност сите да се предадат, полицијата се согласи, извадија бело знаме, излегоа со кренати раце, за кога полицијата која им даде шанса за живот, излезе од барикадите за да ги прифати, одзади некој од нивната група уби неколку полицајци.

Тоа потег не е баш витешки, како што сакаат да се прикажат некои од нив. Но и покрај тоа, кога по неколку часа и преостанатите побараа можност да се предадат и покрај кукавичкото чин при првото предавање, полицијата повторно им даде шанса да живеат и да бидат изведени пред суд. Ако полицијата сакала да ги ликвидира, можела да не го прифати апелот за предавање, особено вториот пат после подмолното убивање од заседа. Но, баш полицијата постапила со ладна глава и човечки во една таква тензична ситуација.

Од тука не знам зошто и кој отпосле би убивал веќепредадени лица.

Пред неколку дена на Фејсбук изнесовте ваше мислење за истрагата за „27 април“ и за тоа дека сте осомничен за организатор на инцидентите. Како го коментирате претепувањето на поранешните министри во затворот?

ГРУЕВСКИ: Се чини како да власта го посакуваше ова. Тие освен што се преполни со омраза и фрустрација имаат една голема група поддржувачи кои се хејтери незадоволни од себе и кои се задоволуваат само кога ќе слушнат за некое страдање на некој кој го мразат.

Во ситуација на пад на рејтингот на СДСМ и меѓу овие нивни гласачи, а голем дел од нив и членови на партијата, веројатно се обидоа да ги задоволат. Воопшто не биле загрижени за последиците. Тоа е одлика на психопати. Човек кој нема чувство за болката на другиот е основната дефиниција за психопат.

Земете го случајот на Миле Јанакиески. Тој беше во домашен притвор со дадени високи гаранции со својот имот кој судот ги прифати. Од домашен притвор го однесоа во притвор за утредента експресно да го претепаат. Потоа два дена го носеа во болници и го вратија во домашен притвор повторно. Има ли некој рационален одговор зошто го однесоа и го вратија од притвор во домашен притвор за само 2-3 дена, освен за да биде претепан. Ништо друго не е сменето. Некои луѓе сметаат дека со претепување се крши духот. Можеби кај некои. Но, кај Миле и Спиро, тоа нема да е случај.

Да не заборавиме дека пред претепувањето на Миле Јанакиески и Спиро Ристовски беше претепан и Јане Ченто, кого заедно со уште една група ги држат во притвор повеќе од 15 месеци.

Сепак, траумата и врз нив но и врз сите нас од ВМРО и пошироко ќе остави последици и еден ден може да резултира со нови трауми, но насочени кон нарачателите на оваа со ништо незаслужена казна и криминално однесување на власта.

Во политиката тркалото се врти. Исто како и во животот. Не знам што планира Заев потоа, но не би сакал да сум во негова кожа. Тој засега нема акции против терористи од кои ќе ја брани државата бидејќи стана нивни миленик, но голем дел од Македонците долго ќе се сеќаваат на ова време кое колку и на почетокот кога ги нарековме „хунта“ да звучеше за некои луѓе нереално, како што минува времето, луѓето од власта, некако како од петни жили да се борат да ја оправдаат таа квалификација.

Зошто против поранешните министри се примени физичко насилство, а сметате дека вас сакаат да ве ликвидираат?

ГРУЕВСКИ: Иако на прв поглед се чини дека целта беше да ги претепаат, сепак морам да истакнам дека загрижува делот од соопштението на затворот „Скопје“, во кое се вели дека ако немало „брза интервенцијата на чуварите“, инцидентот ќе завршел со многу потрагични последици.

Што е потрагично од претепување и завршување во болница? Се знае: убиство. Не знам дали ова беше несреќна формулација или раководството на затворот сакаше меѓу редови да даде до знаење дека, сепак, спречиле ликвидација на Јанакиески и Ристовски. Но, една непристрасна истрага по заминувањето на оваа марионетска власт ќе го даде вистинскиот одговор и на оваа дилема.

Портпаролот на СДСМ, но и заменик-претседателката Радмила Шекеринска изјавија дека вие сте го организирале тепањето на Јанакиески и Ристовски.

ГРУЕВСКИ: Да, Радмила отсекогаш имала „бистри“ проценки, а момчево-портпарол е „ѕвезда во подем“ во тој табор на „креативци“. Секако, тој не дава изјава без шефот да каже или да одобри, така што оваа досетка е производ на повеќе „големи умови“.

„Телепатски комуницирам и се договарам“, со терористите од Диво Насеље. И не само со нив. И со оние „ИСИС терористи“, за кои пред некој ден го преплашија народот дека ќе го кренеле Скопје во воздух. И нив ги имам „на линија“. „Развив телепатски и други парапсихолошки способности“ за разговор со затвореници и други слични на нив на далечина од 800 км.

Сепак, засега најголеми успеси имам во наведување на функционерите на СДСМ да трескаат глупости на ангро секој ден и „живи да останат“.

Така, на пример, сега успеав, „со моќта на мислата“, да ги натерам секој ден да кажуваат дека никој од нив не помогнал во вработувањето на најблиските роднини. И баш онака сериозно звучат кога го тврдат тоа, колку и да е смешно, исто како ова со претепувањето на Спиро и Миле.

Или онаа легендарна мисла на Заев дека можеби сум киднапиран откако јавно објавив дека побарав политички азил во Унгарија заради политички прогон од македонските власти.

Или, сетете се на онаа спектакуларна прес-конференција на Шекеринска кога презентираше набавени резервни гуми со драматика, стаст и одважност како да  набавила цела ескадрила авиони заедно со носач на авиони. Можете да замислите каква парада ќе гледаме кога ќе набави некој софтвер за војската, бидејќи софтверите ја прават уште погорда и повозбудена.

Шегата на страна, мислам дека СДСМ не знаат веќе што да кажат откако на ова што го прават гледаат дека веќе народот резигнирано одговара. Па така, во паника, потценувајќи ја интелегенцијата на народот, смислуваат секакви бесмислени изговори за да се извлечат од ситуацијата во која самите дојдоа со политичките и криминални прогони како главна алатка во нивното владеење.

Сметате дека на Заев ќе му треба обезбедување во иднина?

ГРУЕВСКИ: Не само на Заев, туку на секој иден премиер. Малку е чудно поставен нашиот систем што на претседателот на државата доживотно му се обезбедува државно обезбедување, што е во ред, а на премиерот, кој поради далеку поголемиот број ингеренции се соочува со многу поголеми ризици, му следува обезбедување само извесен период, колку што бил премиер. Јас би ја посоветувал оваа власт да го промени тоа. Нека не важи за претходните вклучувајќи ме и мене, но барем нека важи за идните премиери. Не треба чекаме да ни убијат поранешен премиер заради освета за да постапиме како што треба.

Бидејќи е многу богат, Заев можеби смета дека самиот ќе си го плаќа личното обезбедување со парите од рекетот и криминалот кој го прават денес, но има голема разлика од приватно до полициско обезбедување. Пред сè во овластувањата на луѓето кои го чуваат, а секако и во нивниот тренинг, навремено добивање информации од службите поврзани со евентуални ризици на лицето кое го обезбедуваат и нивната професионалност.

Инаку многу е подобро за секој човек да живее нормално без обезбедување околу него. Обезбедувањето делумно ја ограничува слободата и приватноста на оној кој го има. Но, кога ризиците се големи, веќе не се мисли на личните желби, туку треба да се постапува како зрела и одговорна држава.

Порано претседателот се возеше во неблиндирано возило. Се случи атентатот на Глигоров, па се купија првите блиндирани возила. Потоа високите политичари се возеа во многу стари авиони. Се случи трагедијата со претседателот Трајковски, па се набави нов авион, кој повеќе и не е нов. Во последните години гледавме повторно тешка демагогија, популизам и собирање политички поени со набавка на едно ново блиндирано возило.

Ние со измени на закон ја зголемивме безбедноста на поранешен премиер, но не доволно поради претпазливост од критики кои, навистина, дојдоа веднаш. Сега премиер има право на обезбедување од шест лица. Поделете ги во смени, слободни денови, годишни одмори и сл., и тогаш ќе сфатите дека станува збор за двајца или максимум тројца во смена. Професионалците во оваа област знаат дека тоа е симболична и многу мала заштита наспроти ризиците. Но, никој не се охрабрува јавно да говори за тоа заради критиките од политичките неистомисленици. Како нација сè уште го немаме потребното чувство на државност. Јас, бидејќи сега не се однесува на мене, го кажувам во интерес на животите и семејствата на идните премиери, а со тоа и во интерес на државата. Имаме држава, а се однесуваме прилично незрело и неодговорно, како да не ја заслужуваме.

Дали сметате дека и вас ќе ве снајдеше истото ако влезевте во затвор?

ГРУЕВСКИ: Не сметам, туку знам. Но, многу повеќе од ова што ги снајде поранешните министри. Власта врши политички прогон преку обвинителствата, судовите и во затворите и притворите. Не бираат средства.

Има две причини зошто се одлучив да заминам и побарам политички азил.

Првата е африканското судење кое беше фарса, судење каде одлуката беше договорена пред официјално да се додели предметот на судијата, судења со кои не требаше да се спроведе правда туку да се исполни предизборното јавно ветување на Заев дека ќе ме стави во затвор, за што дури и песна измислија. Сите можни процедури и закони се згазија за да бидам осуден со затворска казна над 20 години и тоа без сторено дело и без никакви докази. Тоа и самата Катица Јанева јавно го кажа, а и претходно лично ми го кажа кога бев на распит во СЈО нудејќи ми спогодба.

Еве ќе видете сега кога ќе завршат рочиштата.

Во сите предмети ќе ме осудат со максимална затворска казна иако во ниту еден предмет нема ниту кривично дело, а како резултат на тоа ниту елементарен законски доказ. Ова не го претпоставувам, туку имам информација од извори од внатре. Дури и сите други обвинети во некој предмет да ги ослободат, мене ќе ме осудат со максимална казна затвор. Така е договорено. Барем засега.

Втората и веројатно одлучувачка причина за заминувањето и барање политички азил беа заканите и информациите дека во затворот ми се подготвува ликвидација.

Најголем дел од заканите ви доаѓаат од етнички Албанци. Како го коментирате тоа? Со што сметате дека толку сте им згрешиле?

ГРУЕВСКИ: Со ништо. Работев за сите да живеат подобро. Но, има два момента.

Едниот што цели 7-8 години се водеше жестока пропаганда во албанските медиуми против мене како човек кој е против Албанците и им сака нешто лошо, со куп измислици. Наш пропуст е што не се боревме против таа пропаганда. Видовме дека освен што со тоа се правеше огромен притисок на коалиционите партнери, на крајот целта била гневот да нарасне до таа мера што дел од нивните гласови ќе се пренасочат кон СДСМ за да може барем да се доближи до нас на изборите, кога веќе не може да нè победи.

Второто е што во неколку наврати додека бев премиер, полицијата имаше акции против терористички или криминално-терористички групи, главно составени од Албанци. Поголем дел од албанските медиуми и генерално Албанците во Македонија наместо со згрозување, на нив гледаа како на некакви жртви и национални херои.

Државните безбедносни служби во земјата само преземаа акции кои во секоја држава би биле преземени во таква ситуација. На пример, во која било земја во Европа по илегални патишта да влезе 40-члена група вооружена до заби за да изврши терористички напади – што мислите како би реагирале? Секоја држава би реагирала како и Македонија. Но, за жал, сето тоа со силна пропаганда кај нас беше прикажувано како некаква пресметка со Албанците како нација, што е надвор од умот. Јас меѓу нив имам и доста пријатели и тие добро знаат дека ниту на Албанците ниту на која било етничка група не ѝ мислам лошо. Но, како резултат на овие две работи се создаде погрешна слика и за мене и за ВМРО кај Албанците.

Се чувствувате ли безбедно во Будимпешта?

ГРУЕВСКИ: Да бидеш претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер е ставање глава во торба од првиот ден, а да бидеш истото толку многу години и повеќе од тоа. Тоа ми беше јасно и тогаш и денес. Иако, кога станува збор за безбедноста, никогаш не може да е човек сигурен, сепак Унгарија е многу побезбедна држава од оваа Македонија денес, каде што секојдневно има убиства, исчезнувања, претепувања и слично. По доаѓањето на СДСМ на власт, Македонија стана Елдорадо за криминалците, рекетарите, крадците, изнудувачите, а терористите се чуствуваат како дома. А како и не би, кога премиерот си го чуствуваат за сојузник, понекогаш и соработник.

Очекувате ли Унгарија да се согласи на реадмисија особено по новата истрага за тероризам за вас?

ГРУЕВСКИ: За тоа ќе одлучат имиграционите власти. Сепак, лично не верувам затоа што Унгарија е земја со силни, професионални и одговорни институци. Со еден збор кажано – ова е држава. Суверена држава. За краток период новата власт од држава ја направи Македонија пачавра.

Неколку пати го спомнавте зборот терористи. Од пред некој ден и вие сте осомничен за тероризам. Како се чувствувате?

ГРУЕВСКИ: Тоа е нова епизода од прогонот на СДСМ кон мене и нема врска со реалноста и здравиот разум. Не знам дали граѓаните разбраа зошто сум осомничен за тероризам, односно  што ми била грешката или престапот. Што е тероризмот? Не сум осомничен затоа што сум организирал или сум побарал граѓаните да влезат во Парламентот ниту пак затоа што сум ги организирал физички да се пресметаат со некои пратеници.

Осомничен сум за тероризам поради изјава во интервју, која власта ја толкува како повик за излегување на протести дадена, внимавајте, цели два месеци пред инцидентот во Парламентот. Јанакиески и Ристовски, пак, дека не јавно ги повикале членовите на партијата да излегуваат на протестите. Не да прават насилство, не да тепаат, туку да излегуваат на мирни протести.

Дури и да замислиме дека тоа е точно, се поставува прашањето во која демократија претседател на партија е терорист ако повика на протести, а високи партиски функционери ако го охрабрат членството на партијата да излегува и учествува во протестите, при што ниту еден од нас не повикал ниту организирал нешто што би довело до инцидентот.

Тогаш кој го организира инцидентот?

ГРУЕВСКИ: Власта го предизвика. Со незаконското бирање претседател на Собранието токму во часовите кога пред Парламентот има протести, свесно и временски темпирано ги испровоцира граѓаните да паднат во стапица за потоа да воведат терор, уцени, притвори, судења, затвори и преку тоа владеење со страв. Владеење со страв во кое ќе прават сè што сакаат, односно она што го ветиле за да бидат донесени на власт спротивно на волјата на народот. Можеа без никаков проблем да го изберат на незаконски начин претседателот на Собранието и кога нема никој пред Парламентот. Но, го одбраа тоа што им требаше.
Од она што ми е мене познато, нема организатор. Последното отворање истрага со осомничувања и со притвори, претепувања и драми за одземање на пратеничкиот имунитет е само обид за нов политички прогон против ВМРО и обид да се дефокусира од секојдневните неуспеси и криминали на власта, особено сега пред претседателските избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.