Со засега двајца од повисоките функционери во партијата заразени, технички премиер повторно приморан да седи дома, сите кандидати од цела изборна единица во самоизолација, како и голем број останати членови, СДСМ станува нов кластер на заболени од коронавирус.

Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција рече дека ситуацијата се следи. Во меѓувреме, пак, во последните два дена Министерството за внатрешни работи им издаде решенија за изолација на дури 523 лица, а 114 лица потпишале изјави за самоизолација.

Меѓу нив се и голем дел од членовите на СДСМ.

Се започна во неделата кога Мухамед Зекири ја информираше јавноста дека е позитивен на ковид-19. Потпретседателот на СДСМ, три дена претходо учествуваше на телевизиска дебата на ТВ 24, поради што во самоизолација заминаа генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, со кого дебатираше, како и водителката на дебатата, новинарката Душица Мрѓа.

На самиот почеток на емисијата Зекири изјави дека доаѓа од состанок со партискиот врв, по што почнаа да се редат изјавите дека поради контакт со „другарот Мухамед“ во само изолација одат неколку функционери, меѓу кои и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, вицепремиерката Мила Царовска, националниот кординатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец, директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми…

Прва која доби позитивен тест на ковид-19 после контактите со Зекири, беше директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Оттука во самоизолација дополнително заминаа и техничкиот премиер Оливер Спасовски, дополнителната заменик министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, Директорот на Службен весник Мартин Костовски, градоначалникот на општина Бутел Велимир Смилевски, портаролката на СДСМ Богданка Кузеска, советникот на Спасовски Фатмир Битиќи…

Во домашна изолација заминаа и сите кандидати за пратеници на владејачката партија во втората изборна единица.

Tука нештата стануваат уште потрагични. Причината за ова е што заедно со носителката на нивната листа, Лукаревска, тие во неделата одржуваа „координативна средба“ во Куманово, по што заминаа да им делат маски и флаери на кумановчани.

 

Веќе неколку дена со ред под прикритие дека имаат само средби, а не и изборни активности, активисти и функционери на СДСМ постојано тераат кампања, иако со уредба, која самите ја донесоа, е пропишано дека додека трае вонредната состојба забранети се секаков вид на изборни активности и кампањата се става во мирување.

За пуста власт, загрозувајќи го здравјето и на граѓаните, па дури и своето, партиските активисти веќе со денови се на терен и делат пропаганден материјал, во кој наведуваат, „позитивен е трендот“ во борбата против коронавирусот, со недели делат „хуманитарни“ пакети во очигледен предизборен поткуп, носителите на изборните листи шетаат по градовите и меѓу граѓаните.

Не можам да бидам сигурна на каков начин сум го добила вирусот, но сите контакти кои ги имав последниве денови беа со целосно почитување на мерките за заштита, со маска, на дистанца и со редовна дезинфекција, порача Лукаревска.

Дека не знае како се заразил вели и самиот Зекири, кој го демантираше кумот Заев дека се заразил на ифтар кај брат му.

За целото времетраење на месецот Рамазан сите ифтрски вечери ги имав дома, само со членовите на домаќинството – и без посети од никого, рече Зекири иако самиот на „Фејсбук“ сподели фотографија од средба со брат му за време на месецот Рамазан.

Дали или не се почитувале мерките, правилно или не, дали или не тие мерки биле доволни, со оглед на тоа дека и самиот Филипче вели дека болеста е непредвидлива, останува да ги видиме резултатите за најмногу две недели.

Во меѓувреме, со скоро цел врв во самоизолација, претседателот на партијата оди на избори. Кој сака нека дојде.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.