Од денеска до 18 јуни ќе се спроведува првото пријавување од јунскиот рок за упис во учебната 2020/2021 година, според критериумите утврдени во Конкурсот на Министерството за образивание и наука за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта за настава во гимназиско, стручно, уметничко и за средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Уписот ќе биде организиран и спроведен согласно со насоките од Протоколот усвоен од Владата по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести, кој е проследен до сите училишта.

Според протоколот, документите се поднесуваат по азбучен ред на презимето, а распоредите училиштата требаше да ги објават најдоцна до петокот. Задолжително е носење заштитни маски, растојание од два метра и дезинфекција. Училиштата се обврзани да обезбедат редари и е ограничен бројот на ученици кои во исто време ќе влезат во училиштето за да поднесат документи. Не е дозволена придружба од родител/старател, освен од оправдани причини.

Пријавувањето ќе биде денеска, утре и во четврток (16, 17 и 18 јуни) во периодот од 7 до 19 часот, како и на 19 јуни  од 7 до 13 часот. Училиштата во кои бројот на пријавени ученици во последните години е помал од бројот предвиден во конкурсот, може да организираат пријавување на учениците само денеска и утре. Ранг-листите со запишани ученици ќе бидат објавени на 19 јуни по 15 часот.

И во средните училишта за уметничко образование, пријавувањето на учениците е денеска и утре, а на  18 и 19 јуни ќе се организира квалификациски испит согласно со донесените протоколи.

Според насоките што им ги даде МОН, училиштата имаа обврска во рамки на утврдениот период (од 7 до 19 часот за сите три дена, односно од 7 до 13 часот на 19 јуни), да определат интерен временски период за прием на документите, да подготват распореди за прием на документите според азбучен ред од презимето и нив требаше до петокот да ги објават на јавно место во училиштето.

Учениците кои ќе се запишуваат во средните училишта, заедно со целокупната потребна документација наведена во Конкурсот треба да носат и пријава која може да ја преземат од веб-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk.

Формуларот  за пријавување е достапен на четири (наставни) јазици – македонски, албански, турски и српски. Потребно е секој ученик да го испечати, пополни и да го достави до училиштето заедно со останатите документи.

Според роковите од Конкурсот, второто пријавување и запишување е на 24 и 25 јуни, а третото пријавување ќе биде на 29 јуни. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.