Од денеска до понеделник, сообраќајната полиција од Прилеп ќе ги контролира влезовите и протокот на патници во градот од општините Кривогаштани, Долнени, особено од општината Пласница како превенција од зараза со коронавирусот. Ова е еден од главните заклучоци по синоќешниот превентивен состанок на Регионалниот кризен штаб што се одржа во Прилеп на барање на раководителот на Центарот за управување со кризи од Прилеп, а на препорака на Републичкиот центар за да се има увид на состојбите пред понеделничниот состанок на Советот за безбедност што го свика претседателот на државава Стево Пендаровски.

На состанокот присуствуваа раководителите и директорите на јавните здравствени установи, од противпожарната единица, од полицијата и граничната полиција. Иако поканети, не присуствуваа градоначалниците на Кривогаштани и на Долнени.

По информацијата од Центарот за јавно здравје дека во општина Пласница, која е под ингеренции на прилепскиот Центар, имало дојдени жители од високоризичните земји, упатен е апел да бидат во самоизолација и да се јават во Центарот.

Како превентивна мерка на состанокот беше донесен заклучок овие три дена, особено што сабота е пазарен и фреквентен ден, да се контролира превентивно влезот во градот, објаснува прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

Во нашиот град имаме проблем со неконтролирано доаѓање на граѓани од соседните општини Долнени, Кривогаштани и од Пласница, посебно од оваа општина каде граѓаните се враќаат, посебно од Италија. Сакаме да го спречиме неконтролираното влегување во Прилеп, да го превенираме. Му дадовме предлог на МВР, особено на сообраќајната полиција од Прилеп која од денеска до понеделник ќе биде на влезовите во градот од овие општини. Сообраќајната полиција ќе ги контролира сите граѓани што доаѓаат од високоризичните земји. Мислам дека ваквата безбедносна контрола ќе донесе резултати, односно, ќе се намали можноста за инфекција или од контакт со нашите граѓани. Како превентива, овој заклучок е добар, изјави Јованоски.

Директорот на прилепската градска болница Драган Богоески објасни дека има заштитна опрема во болницата, а влезовите се строго контролирани. Подготвени се за евентуални случаи и интервенции.

На располагање го имаме ургентното одделение и доволно простор за евентуална изолација на пациенти, рече Богоески.

Од Итната медицинска помош беше нагласено дека е преоптоварување сѐ да се упатува во оваа служба и затоа матичните лекари треба да бидат подостапни за граѓаните.

На состанокот беше заклучено дека во градот до овој момент нема заразени со корона вирусот, но се преземаат сите превентивни мерки.

Кризниот штаб донесе заклучок дека во овој момент во Прилеп нема ниту еден заразен од корона вирусот. Сите здравствени установи во Прилеп се координирани и подготвени за евентуални пациенти со корона вирус. Инаку, се дезинфицираа сите училишта и градинки како и автобусите од градскиот собраќај и препорачуваме да се намали користењето на градскиот превоз, рече Јованоски.

На состанокот од граничната полиција беше информирано дека нема никаков проблем со мигранти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.