Епидемиолошката ситуација во државата е стабилна и само мал број пациенти се лекуваат во болниците.

Од денеска треба да почне дистрибуција на вакцините на „Синовак“ во сите центри за имунизација и во центрите за масовна вакцинација, односно спортските сали и здравствените домови. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека би требало да има динамика на давање прва доза на вакцина на 10 до 15 илјади граѓани на ден, како и дека од 15 или 20 јули е предвидено да почне теренската вакцинација.

За ефикасноста и безбедноста на вакцината „Синовак“, Филипче порача дека таа е високо ефикасна за превенција на тешка болест.

Еве ги официјалните карактеристики на вакцината „Синовак“ објавени од СЗО – Инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки, како и кај други возрасни лица.

Д-р Драган Даниловски истакна дека индиската мутација или делта варијантата, која што веќе е присутна во преку 92 земји, веројатно не може да не избегне и нас, но порача дека е потребно да се учи од туѓите и од сопствените искуства од изминатиов период и дека масовната вакцинација е единствениот излез од оваа ситуација.

Делта варијантата е толку продорна, толку е повеќе заразна што е потребно праг на колективниот имунитет меѓу 80-85 отсто вакцинирани за да може да се смета на многу мал ризик за епидемиско ширење – вели д-р Даниловски.

Доктор Александар Петличковски вели дека е мал процентот на оние, кои ја имале првата алфа варијанта на корона вирусот, да се заразат со нова делта варијанта, бидејќи студиите што се достапни покажуваат дека имунитетот стекнат со прележување на болеста или со целосно вакцинирање е прилично ефикасен. Тој објасни дека ефикасноста се мери на неколку нивоа, првото е инфективноста на делта варијанта кон прележани или имунизирани лица, второ е тешка болест и трето е исход од болеста. Како што вели тој, за тешките форми на вирусот и хоспитализација е јасно дека имунитетот во голем дел штити од повторна зараза.

Д-р Даниловски напомена дека најважно од се е што сите вакцини нема да дозволат тешки симптоми и умирање од вирусот.

Во текот на претходното деноноќие, од направени 1.342 тестирања беа регистрирани три нови случаи на Ковид-19, сите во Скопје, а оздравеле шест пациенти. Повторно не се регистрирани починати лица.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.676, на починати е 5.484, а бројот на активни случаи изнесува 225.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.