И во новата нацрт-листа составена од членките на ЕУ-блокот во петокот за земји чии жители од 1 јули ќе може да влезат во европските земји, повторно ја нема Македонија. Листата објавена од „Еуроњуз“, добиена од неименувани дипломатски извори од ЕУ, содржи само 15 земји.

Како и на претходната, така и на оваа Македонија е во сивата зона, но сега ни се приклучија и Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, а само Србија и Црна Гора останаа во зелената.

Новиот список со земји на чии граѓани ќе им биде дозволено да влезат во Унијата, според нацрт-листата, е следниот:

-Алжир
-Австралија
-Канада
-Грузија
-Јапонија
-Црна Гора
-Мароко
-Нов Зеланд
-Руанда
-Србија
-Јужна Кореја
-Тајланд
-Тунис
-Уругвај
-Кина

Забележливо е тоа што на мапата САД и Русија сè уште се обоени со црвена боја, а Велика Британија е со сива затоа што нејзините жители ќе бидат третирани како жители на ЕУ до завршувањето на периодот на транзиција (31.12.2020).

Дипломатски извори за „Еуроњуз“ истакнале дека имало несогласувања меѓу нациите околу критериумите за носење на оваа одлука и некои велеле дека податоците за стапките на заразени со Ковид-19 не се веродостојни. Тие бараат од Европскиот центар за превенција на болести да излезе со повеќе детали, додавајќи дека листите ќе се прегледуваат на секои две недели.

Кога беа објавени упатствата на ЕУ пред две недели, службеници истакнаа дека при нивното изготвување ќе се земат предвид стапките на заразеност во засегнатите земји.

Критериумите се засноваат на епидемиолошки податоци и во четвртокот на нацрт-листата се најдоа 54 нации, а сега само 15.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.