Сите граѓани на земјите од Западен Балкан од 1 јули ќе може безбедно да ги користат своите мобилни телефони за да остваруваат повици, да испраќаат пораки или да сурфаат на интернет низ сите земји во Западен Балкан без дополнителни трошоци.

Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири во говорот на состанокот на министрите од шесте земји од Западен Балкан, одговорни за дигиталната трансформација и политиките за информациски и комуникациски технологии што се одржа во Подгорица, во организација на Советот за регионална соработка (RCC), „Heading towards Roaming Free Western Balkans“, нагласи дека ова е само почеток и предуслов да се почне процесот за намалување на трошоците за роаминг и помеѓу шесте земји од Западен Балкан и земјите од Европската Унија.

Меморандумите за 5Г, интероперабилност и доверливите услуги, потпишани минатата година во Тирана, ја отворија вратата за изградба на заеднички технички јазик. Ова ќе им овозможи на ИКТ системите ефикасно да комуницираат во регионот, и во иднина исто така со земјите од Европската Унија. Тоа е мал, но важен чекор на патот кон градење дигитално општество засновано на доверба – изјави Шаќири.

Тој најави и продлабочување на соработката меѓу овие земји, како и инвестиции во мрежа и инфраструктура.

Мора да ја искористиме оваа можност и да го забрзаме напредокот кон поврзување на регионот. Ние мора да ги здружиме нашите напори и да работиме преку границите и преку секторите за заедничко зголемување на квалитетот на животот и забрзување на економското закрепнување на регионот – потенцира Шаќири.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.