Вишите обвинители Мустафа Хајрулахи и Диљавер Бектеши до Апелациониот суд Скопје испратиле насока да се прифати жалбата на обвинетите, да се укинат затворските пресуди и да се врати предметот за преправање изборни резултати на повторно судење, за функционерите од ДУИ, Ејуп Аљими и Исмет Гури, дознава „Сакамдакажам.мк“ од извори од Јавното oбвинителство на Македонија.

Ова е единствен случај во 18-годишното владеење на ДУИ со првостепена пресуда за нивни функционери за некое кривично дело. Други судски постапки не се водат, а нема ниту нови истраги.

Преседанот е во тоа што наместо да застане на страната на обвинението, Вишото обвинителство бара да се прифатат жалбите на обвинетите.

Во спасувачката мисија за Аљими, поранешен координатор на пратеничката група на ДУИ и близик соработник на лидерот Али Ахмети, Вишото обвинителство на Скопје раководено од Хајрулахи, сличен преседан направи со пасошите. Во декември лани испрати мислење до Скопска апелација на двајцата да им бидат вратени патните исправи, кои судот им ги зеде за да не избегаат. Вообичаено, Вишото обвинителство стои зад барањето на основните обвинители за обезбедување присуство на осомничени, обвинети или на осудени лица и дава идентично мислење до повисоките судови. Но, тука застана на страната на обвинетите.

Сепак, Апелациониот суд Скопје тогаш постапи спротивно на насоката на Вишиот обвинител Диљавер Бектеши и донесе одлука пасошите да не им бидат вратени.

На прашање дали во случајов на вториот преседан, Апелациониот суд има обврска да ги послуша барањата на Бектеши и Хајрулахи да се укинат затворските пресуди, од Судот за „сдк.мк“ велат дека нивното мислење не е обврзувачко за Судот.

Околу овој случај против двајцата функционери од ДУИ има трет преседан. Нивните жалби на затворските пресуди, како и жалбата на обвинителката Фатиме Фетаи според која се ниски изречените казни, се поднесени на крајот на август, односно на почетокот на септември лани. Во архивата на Апелациониот суд Скопје се стигнати на 12 ноември, а веќе утредента се испратени на мислење во Вишото јавно обвинителство – Скопје.

Од 13 ноември лани, Вишото обвинителство го зароби предметот. Место да одговори за еден месец, мислењето е испратено по 5 месеци, дури на 10 март. Хајрулахи не одговарил на прашањето на „сдк.мк“ зошто го држи предметот за Аљими и Гури и кога ќе го врати на Апелација, со мислење за поднесените жалби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.