Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР која ја набљудува изборната кампања за претседателските избори во својот периодичен извештај за периодот од 11 март до втори април наведува дека и натаму не е постапено по некои нивни претходни препораки. Меѓу нив ОДИХР ги набројува оние поврзани со ограничувањата на правото да се биде избиран, ускратувањето на избирачките права врз основа на одземената деловна способност, деталната анализа на периодичните извештаи за финансирање на кампањата и законските ограничувања во врска со својството на подносител на приговори.

Мисијата забележува и на нејаснотиите во изборниот законик доколку кандидатите водат кампања надвор од определениот период.

“Пред кандидатите официјално да се регистрираат на 21 март, тие беа вклучени во активности на кампања, како одржување на средби со граѓаните, од помал размер, ширум земјата и давање интервјуа за медиумите. Како што предвидува законот, кандидатите го прекинаа водењето кампања по својата формална регистрација, иако политичките партии продолжија да ги презентираат нивните програми, да ги критикуваат нивните ривали и да ги поддржуваат претседателските кандидати зад кои застанаа”, наведува мисијата.

Во периодичниот извештај нотираат и дека генерално, жените се недоволно застапени во јавниот живот, но дека женските права и родовата еднаквост сѐ уште не се пројавија како истакнати прашања во кампањата.

“Г-ѓа Силјановска Давкова се соочи со негативни родови стереотипи на социјалните медиуми, на пример коментари за нејзиниот изглед”, наведуваат од ОДИХР.

Инаку Мисија за набљудување на изборите се состои од главен тим од 11 члена, со седиште во Скопјеи 18 долгорочни набљудувачи кои беа распоредени ширум земјата на 20 март. Членовите на мисијата доаѓаат од 19 земји членки на ОБСЕ. ОДИХР побара од земјите членки да обезбедат 250 краткорочни набљудувачи за да го набљудуваат предвременото гласање на 20 април и отворањето, гласањето, пребројувањето и сумирањето на 21 април./РСЕ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.